Не прифаќаме преговарачка рамка за членство во ЕУ во која се вметнати објаснувања за македонскиот јазик, протоколи за следење на исполнувањето на Договорот со добрососедство со Бугарија и услов измената на уставната Преамбула да се случи пред отварањето на преговорите со Унијата, на што инсистира Бугарија, категорични се министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Тие тврдат дека францускиот предлог што деновиве беше објавен во јавноста не е конечна, туку работна верзија и дека штом ќе го добијат конечниот предлог на преговрачката рамка ќе го кажат својот официјален став.
Денеска бугарскиот парламент го усвои предлогот на партијата Демократска Бугарија за тргање на ветото за македонските преговори, за што постави четири услови – ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, гаранција за правата на Бугарите во Македонија со вклучување во Уставот како државотворен народ, гаранција дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија како и европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети. Осамни смета дека македонија не моќе да биде кочничар на ЕУ проширувањето.
– Ако Бугарија има исти ставови, тоа значи дека нема промена во позициите и не може ние да сме виновни за тоа. Ние сме за решение, но во рамки на нашите државните позиции – рече Османи.
Македонскиот шеф на дипломатијата тврди дека единствено прифатливо за Македонија е преговарачка рамка со чист македонски јазик, без фусноти и дополнителни објаснувања, како и решавањето на историските прашања со Бугарија да биде надвор од рамката. Вели нема да прифатат протоколите за следење на процесот на исполнување на Договорот за добрососедство да бидат во рамката. На тој начин, коментира одмани, во рамката се вметнуваат историските барања, а тоа ќе ѝ даде основи на Бугарија за нови блокади.
– Франција сега има официјални позиции за разгледување, нашата која премиерот Ковачевски ја искажа во Брисел и бугарската, по денешното гласање во нивното собрание и очекувам да излезат со конечен предлог. Кога ќе добиеме официјален предлог од Франција, тој ќе се разгледува во Владата, а во некоја форма ќе се консултира и Собранието и комисијата за надворешни работи. Да видиме што текст изгласа Бугарија и како тоа ќе се одрази кон тоа што француското претседателство ќе го достави како конечен предлог – рече Османи.
Тој објасни и зошто државниот врв молчел за францускиот предлог. Франција при крајот на своето ротирачко претседателство со ЕУ сфатила дека нема што да испорача на надворешен план со проширувањето, па затоа ја пуштила работната верзија на преговарачката рамка да циркулира помеѓу земјите-членки, во обид да се дојде до уште некој конструктивен предлог. Дел од европските партнери, додаде Османи, процениле дека со коментирање на работната верзија може да се влијае на политичките процеси во Бугарија каде во средата беше закажано гласање на доверба на премиерот Кирил Петков, па затоа решиле дотогаш да не коментираат, а веќе вчера премиерот Димитар Ковачевски во Брисел го кажа својот став дека ваквата верзија на рамката е неприфатлива.
Опозицијата и дел од јавноста бараат оставка од Османи затоа што евроинтеграцијата на Македонија повторно доживеа неуспех. Но тој вели прашањето што е успех е релативно и зависи дали за успех се смета заштита на државните позиции или нешто друго.
– Ова е наша безалтернативна борба да станеме членка на ЕУ, при тоа запазувајќи ги државните интереси и интересите на граѓаниуте и нема да правиме компромис по ниту едно такво прашање. Ќе станеме членка на ЕУ со заштитени национални интереси – рече Османи.
Маричиќ потенцира дека целта им била заштита на македонскиот јазик и идентитет и да добијат одржлив пакет за преговори што ќе не доведат до членство во ЕУ.
– Не можеме да се откажеме од европскиот процес, но ниту од јазикот и од идетитетот. Наша одговорност е да се грижиме за овие работи и не гледам простор надвор од ова. Поголема е одговорноста на некои структури и личности кои се обидоа да ја нарушат државната стратегија со своето пренесување на непроверени вести до политичките партии и до медиумите, за да се креира поинаква атмосфера – рече Маричиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.