Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и вицепремиерот за европски интеграции, Бојан Маричиќ попладнево го посетија сенаторот Роберт Бадинтер, во неговиот дом во Париз.

На средбата тие му врачиле признание по повод 30 годишнината од независноста на Република Македонија.

-Сенаторот Бадинтер придонесе во два клучни момента од историјата на Македонија, и тоа во периодот на осамостојувањето и меѓународното признавање на земјата, тогаш во улогата на претседател на Арбитражната комисија на Мировната конференција за Југославија и во 2001 година, со заложбите за уставните измени и воспоставување стабилност и мултиетнички соживот во државата. Со овој чин, му оддаваме симболично признание за оставениот белег во консолидација на нашата самостојност, поддршката и помошта во заокружување на евро-атлантската перспектива, како и зацврстувањето на мултиетничката, мултикултурна и мултиконфесионална кохезија на нашата држава и општество, објави Османи.

Тој додал дека сенаторот во една прилика, за Македонија кажал:

-Иднината на ова земја се разбира е во рамките на Европската Унија. Знам дека патот е тежок. Но затоа ќе се послужам со девизата на големиот ред на Језуитите, чие учење не сум го следел – Per aspera, ad astra! (преку трње до ѕвездите), стои во објавата на македонскиот шеф на дипломатијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.