Унгарскиот премиер Виктор Орбан пристигна во Македонија. Тој беше пречекан на аеродромот во Охрид од страна на премиерот Христијан Мицкоски и министрите од македонската влада.

Како што информира владината прес-служба, Мицкоски утре (петок) ќе оствари официјална тет-а-тет средба со неговиот унгарски колега во премиерската вила во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација.

Утре ќе се одржи и заедничка меѓувладина седница во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид, а по завршувањето на седницата на истата локација се очекува прес-конференција да одржат двајцата премиери.

Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј во Охрид.

Горди на можноста да ја зајакнеме соработката помеѓу нашите две земји. Веруваме дека оваа посета ќе отвори нови патишта за економска и културна размена и ќе ја зајакне нашата пријателска врска.
Очекуваме плодни разговори и заеднички иницијативи, рече Мицкоски по повод посетата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.