СДСМ вчера побара премиерот Христијан Мицкоски итно да го смени Африм Гаши од претседател на Собранието поради инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром.
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на прес-конференција кажа дека опозицијата ќе му даде поддршка за тоа. Левица, пак, вчера во Парламентот поднесе интерпелација за работата на претседателот на Собранието Гаши поради тоа што „воведува непринципиелни политики во Собранието“.
Претседателот на Левица Димитар Апасиев на прес-конференција рече дека очекува претседателот на Собранието, Гаши, да ја стави на дневен ред на седница по летниот одмор, односно на почетокот на септември, на првата наредна седница по истекот на 10 работни дена.
ВМРО-ДПМНЕ на тоа излезе со реакција дека „за разлика од времето на СДС кога немаше одговорност, сега во време на ВМРО-ДПМНЕ има експресна акција од институциите и никој не е поштеден. Одговорност има за секој кој се огрешил пред законот“.
-Ја разбираме нервозата во СДС затоа што слични инциденти имало и во минатото кога тие биле власт, но тогаш се заташкувале и се молчело, за разлика од сега, кога има акција и одговорност за секого. Има разлика. Државата е управувана од луѓе кои работат за подобра иднина на народот, за разлика од СДС и ДУИ кои работеа за себе, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија не смета дека е потребна смена на собранискиот спикер, вели „одговорноста е лоцирана, институциите како никогаш до сега превземаа итни и неодлoжни мерки. Сега има кривични пријава, во минатото ваквите случаи беа ставани под тепих“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.