Владејачките СДСМ и ДУИ и натаму се спротиставуваат на барањето на опозицијата за брзи избори на пролет и нова Влада што ќе се зафати со решавање на економската и енергетската криза.
Премиерот Димитар Ковачевски на прашање за одржување предвремени избори ја повика ВМРО-ДПМНЕ да се зафати со работа во Скопје, повторувајќи дека парламентарни избори ќе има во 2024 година и дека никој не се плаши од избори.
Ковачевски, кој беше во посета на Тутунскиот комбинат во Прилеп, истакна дека катастрофата што и се случуваше на земјава 11 години, сега му се случува на Скопје, потенцирајќи дека во 2015 година тогашната Влада оставила неисплатени субвенции, а изградила 36 споменици во главниот град.
– Така како што успеаја да ја заглават државата 11 години, ниту еден милиметар во европски интеграции, раскарани внатре, раскарани со сите соседи…, јас би им порачал власта која што имаат во Скопје да земат да ја практикуваат затоа што од Скопје денес едвај излеговме бидејќи на протест се сите превозници. Во Скопје ветуваа бесплатен автобуски превоз, ветуваа бесплатен автобус, ветуваа брда и долини… Во моментов, Скопје ниту има автобуски превоз, ниту има пречистителна станица за вода, ниту има какво било поместување на кој било капитален проект, кој им го остави минатата власт, рече Ковачевски.
Според него, не може на ВМРО ДПМНЕ да му биде изговор дека се скарале со градоначалничката, која што е нивен кандидат, бидејќи тие ја промовираа за Скопје.
– Не може, сега знаете, се скаравме и за да можеме добро да го управуваме Скопје ни требаат парламентарни избори. Не поминува таа работа. Нека се фатат за работа за да можат да профункционираат општините. Не сакам да зборувам за Општина Прилеп, рече Ковачевски.
Премиерот повтори дека парламентарни избори ќе има во 2024 година и тие ќе бидат редовни.
– Помина времето кога во државата се правеа избори секоја година само затоа што некој сака да спроведува само своја лична политичка агенда. Никој не се плаши од избори, додаде Ковачевски.
Тој е убеден дека СДСМ и коалицијата ќе победи и на претседателските и на следните парламентарни избори.
Во однос на барањето за предвремени избори, Ковачевски вели дека опозицијата нема конзистентен став.
За лидерот на владејачката партија кај Албанците ДУИ, Али Ахмети не се решение предвремени избори.
-Мислам дека изборите не се решение за сегашната ситуација, бидејќи пред нас има многу поважни задачи, рече Ахмети во одговор на новинарско прашање во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за одржување предвремени парламентарни избори следната пролет.
Според него, треба да се реализира скринингот и да продолжат преговорите со Европската унија. Во овој процес треба да има етничко и меѓуетничо единство, затоа што станува збор за иднината на државата, за иднината на генерациите. -И сите треба да инвестираме во таа иднина, изјави Ахмети по Свечената академија по повод Денот на албанското знаме – 28 Ноември.
Во врска со најавите за влез на Алијансата на Албанците во владината коалиција, Ахмети истакна дека целта на таквата идеја е обезбедување на „концентрација во европските интеграции“.
ВМРО-ДПМНЕ постојано го повторува барањето за брзи предвремени избори напролет.
-Барањето за предвремени избори е потребно од причина што прво оваа влада има спорен легитимитет од самиот почеток. Се работи за еден збир од многу политички партии, помали и поголеми кои што ја држат оваа влада, а дополнително многу побитно од композицијата на владата е тоа што не испорачала во две клучни области, прво е животниот стандард за што се најзаинтересирани граѓаните, и второто е битката со организираниот криминал и корупција. Во двата сектори има сериозно уназадување а тоа го чувствуваат граѓаните на своја кожа и тоа е причината зошто се потребни брзи предвремени парламентарни избори, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во интервју во емисијата 360 Степени.
Николоски потенцираше дека брзи предвремени парламентарни избори се потребни час поскоро бидејќи и економската и енергетската криза се толку силни што не смее да се губи време, додавајќи дека ако зимата 2022 година е лоша, зимата 2023 година ќе биде уште полоша. Се трошат резервите на гас и електрична енергија, а според него Владата на СДСМ не знае да го организира домашното производство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.