Користењето огревно дрво, минералната прашина која се создава при гардежни активности и сообраќајот се меѓу главните фактори на аерозагадувањето, покажуваат резултатите од истражувањето кое е дел од проектот за справување со аерозагадувањето во пет општини во внатрешноста на државата во кое беа вклучени општините Струмица, Струга, Кавадарци, Куманово и Гостивар.

Резултатите од истражувањето од т.н. студии на пропорционирање на изворите или идентификување на главните извори на аерозагадување според уделот на поедините извори на тоа вкупно аерозагадување, ги престваи проф. Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“.

Идентификувавме шест фактори, главните шест фактори или групи на извори. Тоа е согорувањето на биомаси или согорувањето на дрва во лежиштата, потоа минералната прашина која што е поврзана со извори како што се градежништвото, ресуспензијата на прашина од улиците, емисиите од еолската ерозија со ветерот од сувите површини кои во неа се вегетирани, тоа е минералната прашина. Наредниот значаен фактор беше сообраќајот, тука се вклучени и емисиите од издувните елементи на возилата, но и емисиите од кочници, тркала итн. поради абењето на тие делови. Потоа имаме специфичен извор, тоа е оган на отворено и согорување на отпад којшто за жал го забележуваме насекаде во државата. Беше забележан во првата студија во Скопје, но продолжи во речиси сите градови коишто беа дел од ова истражување. И последното е согорување на нафта и мазут кои што најчесто се користат за загревање на јавните објекти, а дел од индустриските објекти ги користат за производство на топлина или за некои други технолошки процеси, вели ректорот Мираковски.

Тој наведува дека во различни сезони различни се изворите на загадување.

Убедливо најголемо учество ако зборуваме за сите пет града, посебно за Струмица, Кавадарци и Куманово има согорувањето на дрва со најголем дел, некаде околу 30-ина проценти, потоа доаѓаат минералната прашина и сообраќајот во спротивните периоди – согорувањето на дрва во текот на зимските месеци, а сообраќајот и минералната прашина во текот на летните месеци, бидејќи ова се градови во внатрешноста. На пример, Струга има специфично висок сообраќај што е нормално за туристичко место. Другите извори се значително помали. Значи, вкупно овие извори – согорувањето на дрва, согорувањето на отпад на отворено, сообраќајот и минералната прашина, се некаде околу 90 проценти од вкупното учество во загадувањето. И како што кажав, различни сезони, различни извори. Во текот на летото доминираат сообраќајот и минералната површина, во текот на зимските месеци согорувањето на биомаса, вели Мираковски.

Карактеристично, додава тој, е согорувањето на отпад и оган на отворено. Тука се вклучува согорувањето на отпад од земјоделските активности кои се јавуваат во текот на пролетните и во текот на есенските месеци, но се јавуваат емисии и во текот на зимата кога одредени отпадни материи се согоруваат во ложиштата пред се на некои неквалитетни ложишта.

Проблемите со аерозагадувањето лоцирани со ова истражување, Мираковски посочи дека ќе бидат искористени за изработка на планови за квалитет на воздухот. Препораката на научниците за справување со овој проблем е да се направи промена на енергенсите и за пример посочува дека во голем дел од урбаните средини во Европа не се дозволува согорување на какво било цврсто гориво.

За жал, ние имаме проблем со загадување на сите медиуми на животната средина и генерално водите, сега загадувањето на водите се различен проблем од загадување на воздухот, меѓутоа неопходно е и таму систематски да се тргне од управување со тие води, пречистување на отпадните води. Ние имаме многу мал број пречистителни станици, колку што сум јас информиран најголемите градови немаат воопшто пречистителни станици и тоа е еден од проблемите којшто мора да се решава паралелно со воздухот, вели Мираковски.

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити потврдува дека состојбата не не е добра со аерозагадувањето, посочува дека се работи интензивно на овој план.

За волја на вистината иако состојбата е лоша секоја година има подобрување во оваа насока, но тоа не е доволно бидејќи тоа е штетно за граѓаните и ризично, така што работиме интензивно на овој план. Како Министерство ќе има посебен сектор за декарбонизација и за климатските промени за чист воздух, работиме и со надворешни организации со добри примери и добри пракси. Мислам дека според сите анализи главниот фактор на загадувањето во Скопје и во урбаните средини во Македонија е тоа што домаќинствата користат се и сешто за греење, така што ќе се трудиме во наредниот период гасификација на Македонија да биде еден од топ приоритетите што ќе нуди и поевтин извор на граѓаните, но воедно ќе придонесе за почист воздух во нашата држава. Тоа е само круцијално, а сигурно дека ќе има и други мерки со коишто ќе излеземе, вели Меџити.

Според него, потребна е целосна гасификација на земјата.

Не, зборев само за една идеја која што може да придонесе драстично да се подобри ситуацијата, но има и лепеза на мерки коишто сите по малку ќе придонесат во таа насока како во здравствениот сектор, во училиштата и во ред други, да се заменат мислам кај што се греат на мазут или на друго да се употребувата помалку штетни како што се еколошките автобуси што треба да ги донираме на Град Скопје. Имаме план да ги поддржиме, има да доставиме и предлог до Влада да се подржат и стимулираат електричните автомобили и сето тоа. Но, воедно треба да се работи и за подигање на свеста сите да работиме и како граѓани и како држава во оваа насока бидејќи само така можеме да постигнеме, вели вицепремиерот и министер за животна средина Меџити прашан кога би можела да почне и колку ќе чини гасификацијата.

Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан, истакна дека ова е исклучително значаен проект, кој се фокусира на еден од најсериозните предизвици со кои се соочуваме денес – загадувањето на воздухот.

Овој проект служи како пример за тоа како можеме да преминеме од идентификување на изворите на загадување до преземање конкретни чекори за нивно решавање. Се надоврзуваме на успехот на претходниот проект поддржан од УНДП во скопската населба Лисиче, каде ефективно беа финансирани и спроведени конкретни мерки за намалување на аеро-загадувањето. Уверен сум дека овој нов проект ќе го спроведеме со исто ниво на посветеност, обезбедувајќи конкретни акции кои ќе им помогнат на жителите од овие општини да дишат почист воздух, вели Григорјан.

Лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот Гоце Делчев, Штип (АМБИКОН, УГД) ја изготви студијата за пропорционирање на изворите на загадување на воздухот урбаните средини во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга. Овој вид студии се една од основните алатки за развивање и спроведување на стратегии и мерки за ублажување на аерозагадувањето, односно имплементација на директивите за квалитет на амбиентен воздух (Директива 2008/50/EC и Директива 2004/107/EC), бидејќи овозможуваат прецизна идентификација на поедините извори на аерозагадување, како и дефинирање на нивниот придонес во вкупното загадување.

Во резултатите добиени врз основа на едногодишен мониторинг и анализа на повеќе од 1000 примероци во сите пет општини, со својот интензитет како најголем извор се издвојува согорувањето на биомаса (дрва) за греење, следено од сообраќајот и минералната прашина, кои имаат значително поголем удел во текот на летните месеци. Во повеќето општини, палењето на стрништата и други отпадни материјали на отворено или во импровизирани котли, имаат исто така значително учество во вкупното загадување. Сепак, согорувањето на дрва, но и отпадни материи во релативно неефикасните и стари печки/котли во текот на зимските месеци, е веројатно главниот извор кој може да се поврзе со појавата на епизодите на екстремно загадување, се наведува во истражувањето.

Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, којшто го спроведува УНДП во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање, како и општините Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга. Проектот е дел од Рамковната програма на УНДП, којашто е финансирана од Шведска, а го вклучува и проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.