Одреден е стручен надзор над ученикот од скопското основно училиште „Браќа Миладиновци“ во општина Аеродром кој носеше нож во училиште, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).
Одреден е стручен надзор над ученикот со девојатно однесување во „Браќа Миладиновци“ за време на наставата. Донесена е одлука, вработени од стручната служба во училиштето ќе присуствуваат на часовите и ќе обезбедуваат поддршка на наставниот кадар во работата со ученикот, но и ќе работат директно со ученикот во насока на подигнување на неговата концентрација кон наставната материја и градење на подобар однос кон соучениците, соопшти МОН.
Родители од „Браќа Миладиновци“ во Скопје бараат да се реши проблемот со еден ученик кој, според нив, носи ладно оружје во училиште и ги малтретира останатите ученици. Директорката на училиштето во изјава за МИА вели дека се преземаат сите законски мерки и дека во целиот процес се вклучени наставниот кадар и стручната служба.
Од МОН додаваат дека институциите на системот постапуваат по секоја пријава за случај за врсничко насилство или било какво девијантно однесување во училиштата.
Државата има развиено механизам кој го сочинуваат сет закони, проектни мерки и активности за детекција и справување со врсничко насилство. Граѓаните треба да се охрабрат да пријавуваат било какви форми на насилство меѓу младите во училишните објекти, како и надвор од нив, но и да имаат доверба дека за секоја пријава ќе има соодветен исход.
Јасно е дека образовниот систем има примарна улога во градењето на младите како личности кои треба да ги прифаќаат и применуваат вистинските човечки, етички и морални вредности и норми. Но, какви генерации ќе создадеме не зависи само од наставниот кадар и стручните служби во училиштата. Тоа е обврска на сите општествени чинители, велат од МОН.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.