Одбраната на Жан Митрев на последното судско рочиште најави дека ќе се жали во Судот за човекови права во Стразбур откако Основниот суд во Скопје не дозволи одлука за прекршување на пресумпција на невиност со соопштението на Јавното обвинителство за случајот Жан Митрев. Првично беше поднесено барање за повреда на чл. 2 став 1 и 2 од Законот за кривична постапка и чл. 6 став 2 од Конвенцијата за заштита на човековите права, како основни елементи за заштита на правото за фер и непристрасно судење и заштита на пресумпцијата на невиност дека никој не смее, ниту суд, ниту државен орган особено Јавно обвинителство да прејудицира вина.

Обвинителството со објавување на соопштението директно ја повреди пресумпцијата на невиност на обвинетиот. Во повеќе наврати во содржината на соопштението е нагласено дека обвинетиот за д-р Митрев и клиниката лажно ги презентирале фактите во однос на употребата на хемофилтрација, дека за тоа обвинителството презентирало силни докази и дека обвинителството е уверено дека Судот врз тие докази ќе донесе одлука. Со тоа категорично се рефлектира мислењето на јавниот обвинител дека обвинетите го сториле кривичното дело пред тоа да биде утврдено со правосилна пресуда согласно закон.

Одбраната во своето излагање потенцираше дека согласно практиката на Судот во Стразбур, со ваков тип соопштение се прејудицира оцената на фактите од надлежниот судски орган и се охрабрува јавноста да верува дека обвинетиот е виновен пред тоа да биде докажано согласно законот.

Врз таа основа одбраната побара Судот да ја утврди повредата на пресумпцијата на невиност сос воја одлука, но со оглед дека беше одбиено да се донесе таква одлука, одбраната најави продолжување на постапката пред Стразбур.

Инаку обвинителката изјави дека соопштението го пишувале службите, а пак барањето на одбраната е губење време.

По ова продолжи сведочењето на двајца сведоци.

Едната од сведоците чиј татко бил донесен во Клиниката Жан Митрев со сатурација 45% од Клиниката за очни болести, објасни дека никогаш не се видела со Жан Митреви не разговарала со него, но мислела дека со хемофилтрација ќе го спаси татко ѝ. Верувала во методата, а информацијата ја добила од јавноста, од луѓе, од медиуми, но ни еден не бил доктор во Клиника Жан Митрев.

Вториот сведок го однела својот татко во Клиника Жан Митрев зашто сметала дека таму ќе добие најдобра грижа. Како што посочи одбраната во вкрстеното испрашување,нејзината мајка и сестра испраќале пораки со благодарност до докторскиот тим, затоа што лавовски се бореле, внимавале на пациентот, па дури и му пуштале музика. Таа објасни дека никогаш не разговарала со доктор Митрев, но дека нема да се смири додека тој не биде обвинет за виновен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.