Министерството за надворешни работи соопшти дека најстрого го осудува „вандалскиот чин“, кој се случи денеска во Охрид, а со кој е искршена таблата на неодамна отворениот бугарски клуб.

Од МНР потенцираат дека според Уставот, и според долгогодишната пракса во земјава, сите граѓани имаат еднаква слобода на здружување заради остварување на нивните права и уверувања. Од МНР ги повикуваат сите надлежни институции да преземат соодветни мерки за овозможување на непречено исполнување на сите со Устав и закон загарантирани човечки и граѓански права и слободи.

Истовремено, го повторуваме апелот и до сите граѓани и здруженија на граѓани за зрело и одговорно однесување со почит кон правата и слободите на другите, напоменувајќи дека мултиетничкиот карактер на нашата држава е една од темелните вредности на уставниот поредок, кое претставува право и обврска за секој од нас, се вели во соопштението од МНР.

Претходно, од СВР Охрид информираа дека е оштетен дел од таблата на која е испишано името на новоотворениот бугарски културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.

Околу 12 часот и 45 минути во СВР Охрид пријавено е оштетување на дел од таблата поставен над просторијата во која е сместен бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“. Екипи на СВР Охрид во моментот вршат увид на местото на настанот и се работи на расветлување на случајот, изјави Димоски за МИА.

Бугарскиот клуб беше отворен пред пет дена, а на денот на отворањето пред просториите се одржа протест на кој револтирани граѓани го изразија своето незадоволство против името на клубот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.