Од 00 часот на 13 февруари 2024 година престануваат да важат патните исправи и возачките дозволи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само патните исправи и возачки дозволи со името Република Cеверна Македонија, извести денеска Министерството за внатрешни работи.
Согласно веќе донесените законски измени, а во врска со Преспанскиот договор, престануваат да важат патните исправи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само патните исправи со името Република Cеверна Македонија. Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно. Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така, потенцираме дека било кој граѓанин на Република Cеверна Македонија кој ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава, ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа, се наведува во соопштението на МВР.
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека возачките дозволи и во државава и надвор од неа ќе важат само со името Република Cеверна Македонија, додека пак личните карти, ќе важат и по 13 февруари, без оглед дали се со името Република Македонија или Република Cеверна Македонија и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на нашата држава.
За излез, пак, од државата во земјите со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од страна на нашите гранични полициски службеници доколку имаат лична карта со името Република Македонија, но не можеме да гарантираме дека ќе бидат примени од другите држави. Истото важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти, појаснуваат од МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.