Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го прифати предлогот на партискиот лидер Христијан Мицкоски и најави активна блокада на Собранието од 10 мај, соопшти потпретседателот Александар Николоски.
Животот во национална катастрофа станува секојдневие, ваквиот чекор е реакција на акциите на власта, тоа ни дава обврска да одговориме на нив. На седницата на извршниот комитет донесовме заклучок за активна блокада на Собранието, што подразбира блокада на сите штетни закони што доаѓаат од СДСМ и од ДУИ. Блокадата ќе стапи на сила на 10 мај, а дотогаш ДУИ И СДСМ да размислат и да се отвори за дијалог и да прифатат лидерска средба. Топката е сега кај СДСМ и ДУИ, да седнеме на лидерска средба и да го дефинираме датумот за предвремени избори – побара Николоски.
Тој порача дека блокадата е само почеток, прв во низата на чекори кои оваа партија ќе ги преземе доколку власта не прифати лидерска средба на која би се договорил датум за предвремени парламентарни избори.
Оваа активна блокада ќе трае во континуитет се до договор за датум за парламентарни избори. Ова се првите чекори, а потоа ќе продолжиме да разговараме за идни чекори, при што сите опции се на располагање. Овојпат ќе одиме до крај, се до конечно менување на грдата реалност – изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој повика на мобилизација и активизам од граѓаните.
Седницата на извршниот комитет на партијата продолжува, а Николовски најави дека вечерва ќе бидат донесени и други одлуки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.