По вчерашната заплена на обврзници вредни 92 милиони долари, директорот на Царина Стефан Богоев за ТВ21 открива дека тие не биле на име на лицето кое ги пренесувало. Тој рече дека Царинската управа води финансиска истрага за да докаже дали станува збор за обид за измама или за перење пари, како и тоа дека имаат соработка со многу странски партнери за овој случај. Лицето, кое било турски државјанин на претрес на скенер на скопскиот аеродром а кој доаѓал од аеродромот во Истанбул, му биле откриени папки, за кои тој давал конфузни изјави.

„Дополнително, има разлика помеѓу името и податоците лични на патникот и името и податоците на сопственикот на обврзниците. Практично не се работи за исто лице. Практично досега ништо не се поврзува со Македонија ниту со македонски граѓани. Горе-доле се е поврзано со странски банки, странска фирма, странски државјани, единствено што се лоцираат и што пристигаат тука на наше тло, односно на скопскиот аеродром“, вели Стефан Богоев.

Вчера судот донесе одлука да ги одземе обврзниците за кои директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу вели дека досега се уште не се предадени запленетите обврзници.

„Агенцијата, согласно законските прописи, зависно од видот и карактерот на обврзницата и согласно материјалните закони по кои постапуваме и по законите кои го регулираат пршањето на обврзниците ќе ги преземе правните дејствија во насока на законитото спроведување на конфискација, а сето тоа во насока на преземени дејствија за располагање, управување и продажба на обврзниците“, посочи Дритон Небиу.

Богоев истакна дека обврзниците во последно време се повеќе се злоупотребуваат за пренесување и перење пари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.