Таткото на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска е на распит во полициска станица, откако МВР соопшти дека девојчето по кое се трагаше од понеделникот е пронајдено мртво, потврдија од Обвинителството.
Оттаму велат дека ќе биде задржан и дека се расчистува да се види неговата инволвираност.
Вања исчезна на 27 ноември, а денеска во близина на Скопје е пронајдено нејзиното тело. Во околината на Велес е пронајдено и телото на 74-годишниот П.Ж. кој се водел за исчезнат од 24 ноември.
За двата случаи, како што информираа вечерва од МВР, осомничени се пет лица. Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е „користољубие“.
Според информацијата на МВР, од реализираните оперативни мерки утврдено е дека Вања била земена со возило од влезот на живеалиштето, а од обезбедените информации од распитот, утврдено е дека била убиена истиот ден (27.11.2023) околу 10.00 часот.
Од МВР информираат дека сите осомничени се од македонска етничка припадност.
Убиство извршено од „користољубие“ е дефинирано во членот 123 од Кривичниот законик. Со затвор од најмалку десет или со доживотен затвор ќе се казни тој што: друг ќе лиши од живот од користољубие, заради извршување или прикривање на друго кривично дело, од безобѕирна одмазда или од други ниски побуди, предвидува Кривичниот законик.
МИА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.