Судењето за случајот „Трезор“ одложено за 24 ноември, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.

На денешната расправа, како што информираат од Кривичен, јавниот обвинител изврши прецизирање на обвинителниот акт и преквалификација на кривичното дело согласно измените на КЗ за еден од обвинетите, додека одбраната барала тоа да се примени и за останатите.

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се одржа главната расправа за предметот со КОК бр. 214/22 од обвинителството означен како „Трезор“ на која Јавниот обвинител, имајќи ги предвид измените и дополнувањата на Кривичниот законик изврши прецизирање на обвинителниот акт како и преквалификација на кривичното дело од член 353 ст. 5 во став. 4, а во врска и со други членови, па врз основа на тоа побара за обвинетиот Н.С. да се примени поблагиот Закон и судот да донесе соодветна одлука во правец на измените во КЗ. Одбраната пак побара од судот поблагиот Закон да се примени и за останатите обвинети, без разлика на прецизирањето на акт, за што судот ја одложи расправата за 24.11.2023 година во 09:00 часот за кога побара и Јавниот обвинител дополнително да се прозинесе за предлогот на одбраната, информираат од Кривичен суд.

Предметот „Трезор“, се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија. Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР  Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР  Горан Грујевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.