Обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска, денеска беа сослушани во Обвинителството, а во врска со поведената дисциплинска постапка против нив.

Комисијата денеска одржа седница на која беа сослушани трите јавни обвинителки, кои да дадоа свои искази и се изведоа сите докази во постапката. Членот на комисијата кој е известител во предметот сега треба да изготви извештај по завршување на постапката со предлог, ни одговорија од Обвинителството.

Од Обвинителството додаваат дека бил одбиен предлогот на обвинителките да биде сослушан професорот Гордан Галајџиев, во улога на експерт.

На денешната седница членовите на комисијата едногласно не го прифатија предлогот да биде сослушан професорот Калајџиев кој беше предложен како “сведок експерт кој треба да даде правно мислење по однос на тоа дали се повредени норми од Законот за кривична постапка”. Предлогот беше одбиен бидејќи органот кој ја води постапката го применува законот и правните норми во него. Сите останати докази беа изведени. Согласно правилникот, присуството на предлагачот – Јавниот обвинител на РСМ не е задолжително и тој остана на доказите наведени во писмениот предлог. Ова не го оспорија ниту јавните обвинителки против кои се води постапката, појаснуваат од Обвинителството.

Инаку, постапувајќи по предлогот на републичкиот обвинител Љубомир Јовески, Комисијата првично одржа расправа на која го разгледа писмениот извештај од известителот по предлогот за поведување дисциплинска постапка и писмените изјаснувања на јавните обвинителки, по што оцени дека постои основано сомнение дека трите јавни обвинителки сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство.

Дисциплинската постапка против трите обвинителки следуваше за нивното постапувањето во случајот поврзан со претресот во Управата за финансиска полиција.

Предметот кој го отвори обвинителката Русковска против екс директорот на Управата, Арафат Муареми, пак, премина во рацете на обвинителката Лиле Стефанова, бидејќи според републичкиот обвинител Јовески, од старт за овој случај бил надлежен обвинител од Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.