Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) објави оглас за вработување работници за изградбата на коридорите 8 и 10д, кои треба да го гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ во партнерство со државата.

Огласот трае до 25 април, а договорот е до 22 јануари 2028 година, односно до завршување на проектот.

На огласот се бараат високообразовни кадри од градежништвото, административни работници и возачи. Работниците, како што е наведено во огласот, ќе работат во една смена, 40 часови во неделата, а ќе добиваат основна плата од 29.866 до 70.052 денари зависно од работната позиција.

Најплатена позиција на огласот е помошник на главниот и одговорен координатор на проектот, кој треба да биде градежен инженер, со искуство од најмалку шест години. За оваа позиција е предвидена плата од 70.052 денари со осумчасовно работно време во прва смена.

За местото координатор на единицата за техничка изведба на проектот, кандидатот треба да биде градежен инженер и е предвидена плата од 65.029 денари.

Координаторот на единицата за подготовка на проектот ќе има месечна нето плата од 60.005 денари, а за оваа позиција потребна е диплома од некој од факултетите за општествени науки.

На огласот се бараат и четворица специјалисти за експропријација на имот. За ова место кандидатите треба да имаат завршено факултет од општествените науки. И тие ќе работно време од 40 часа во неделата, а ќе добиваат основна плата од 45.045 денари.

На огласот се бара и по еден преведувач и по еден „известувач“ за проектот за плата од 45.045 денари, како и двајца администратори кои може да имаат средно образование, а ќе добиваат нето плата од 30.000 денари.

За плата 30.000 денари се бараат и двајца возачи со најмалку средно образование.

Градежните инженери со искуство од три години може да се пријават за пет работни позиции предвидени во огласот. Специјалист за инвестиции и градба на патишта за плата од 55.037 денари. Оваа плата е наменета и за позициите урбанист, геодет, електроинженер и сообраќаен инженер.

На 2 февруари годинава во Владата беше потпишан договор со италијанската ИРД инжинеринг за надзор и правен трансакциски советник за четирите автопатски делници во должина од над 120 километри на коридорите 8 и 10д. Треба да се градат автопатските делници на Коридорот 8: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) Гостивар – Букојчани (30,1 километар), Тетово – Гостивар ( 27 километри) и на делницата Прилеп – Битола (43,4 километри) од Коридорот 10- д.

Проектот за изградба на делниците ќе ја чини државата 1,3 милијарди евра.

Деновиве во Парламентот се води расправа за измени на Законот за работни односи предложен од група пратеници, со кој се предвидува работниците на проекти од значење за државата да можат да бидат ангажирани прекувремено подолго од предвиденото со закон, односно да работат по 60 часови во текот на неделата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.