Министерството за образование и наука денеска го објави Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Република Македонија за студиската 2023/2024 година.

Според Конкурсот објавен на веб-страницата на МОН, слободни се вкупно 4480 места за сместување студенти во домовите во Скопје, Битола, Охрид, Прилеп, Штип и Тетово.

Од нив, 1093 се за студенти запишани во прва година и 3385 за запишани од втора до шеста година на студии и за апсолвенти.

Во домовите во Скопје, 1178 легла има во „Гоце Делчев“ (од кои 235 за бруцоши и 941 за студенти од повисоките години на студии); во „Стив Наумов“ – трета зграда има вкупно 369 и за нови бараки 138; во „Пелагонија“ има вкупно 997 места и 370 во „Томе Стефановски-Сениќ“.

Во ДСД „Кочо Рацин“ во Битола се слободни вкупно 385 места; 242 во ДСД „Никола Карев“ – Охрид; 335 во „Орде Чопела“ – Прилеп. Во државниот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип има места за сместување 236 студенти, а места има и во два приватни дома во Штип – 60 во ПСД „Хилјадников“ и 52 во ПСД „Логос’.

Во ПСД УЈИЕ Тетово има вкупно 120 места за сместување студенти во академската 2023/2024 година.

Студентите кои се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет-порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk

Во Конкурсот се појаснети начинот на распределба на местата во домовите за студенти, условите и постапката за прием, начинот на електронското пријавување и документите потребни за аплицирање.

Документите се прикачуваат електронски почнувајќи од 17 до 31 јули 2023 година, а студентите од прва година документите ги прикачуваат почнувајќи од 1 до 11 септември 2023.

Конечниот список за прием на студентите од втора и повисоките години ќе биде објавен на 5 септември 2023, а за студенти од прва година на 30 септември 2023.

Списоците ќе бидат објавени на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на веб-страницата на Министерството. Приговорите по резултатите се доставуваат во самиот дом каде што имаат аплицирано во рок од 10 дена од денот на објавувањето на резултатите.

Во однос на роковите за сместување, во Конкурсот е наведено дека студентот се вселува во студентскиот дом почнувајќи од денот на потпишаниот договор со домот во кој е примен, но не подоцна од 10 дена од објавениот конечен список.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.