За време на денешниот настан во кругот на фабриката ,,Пекабеско” во Скопје каде бил присутен претседателот на Владата Димитар Ковачевски новинарите Љупче Златев и Предраг Кукиќ биле спречени да присуствуваат на настанот и да постават прашања до Премиерот.

Според информациите кои пристигнаа до ЗНМ од колегите новинари присутни на настанот, од страна на лице вработено во приватната агенцијата за обезбедување РОТЕ им биле побарани новинарски акредитации кои според сведочењето на новинарите тие им ги покажале и потенцирале дека добиле покана од Владата за овој настан. Обезбедувањето сепак ги спречило да влезат на настанот, за да си ја извршат својата новинарска задача.

По реакциите од страна на нашите колеги новинари за овој инцидент, ЗНМ ќе достави претставка до Комората за приватно обезбедување на Македонија со цел расчистување на овој инцидент за агенцијата за обезбедување РОТЕ, велат од ЗНМ.

Потребно е да се знае дека припадниците на агенциите за приватно обезбедување во ниеден случај не смеат да ја ограничат работата на новинарите и медиумските работници кои известуваат бидејќи на тој начин се ускратува и правото на информирање на граѓаните.

Укажуваме дека одговорноста за вакви попречувања на работата на новинарските екипи е и на товар на организаторот и на Владата која ги поканила новинарските екипи. Затоа бараме и Владата и компанијата Пекабеско да спроведат внатрешна истрага за да се спречат вакви инциденти во иднина, се вели во соопштението на ЗНМ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.