По инаугурацијата на Сиљановска Давкова во недела, согласно новиот собраниски Деловник, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај.

Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на законодавниот дом. Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.  Конститутивната седница ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Претседателот на државата, пак, е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.