Мандатарот на новата влада, Димитар Ковачевски, најавува промени во начинот на функционирање на јавната администрација, но и нејзино намалување за 20 проценти. Тоа е предвидено во неговата програма што ја достави до Собранието и која во сабота ќе ја брани пред пратениците.

Кратењето на администрацијата ќе се прави преку спојување на институциите што работат исто и имаат идентични задачи, пензионирање на 64 години, но и со префрлање на дел од административците во приватниот сектор.

Ќе ја реорганизираме, ќе ја реконфигурираме и ќе воведеме дополнителни форми за поефикасно работење на државната и јавна администрација на сите нивоа – се вели во програмата.

Во програмата се вели дека целта на Владата е да обезбеди професионална јавна администрација, поддржана од интензивна дигитализација, оптимална структура и иновативни процеси и техники.

Владата смета дека јавната администрација мора да обезбедува дигитални услуги, како задолжителна опција. Администрацијата не смее да бара од граѓаните и деловната заедница никаква информација или податок, кој веќе е обезбеден и мора да дизајнира јавни услуги кои по дефиниција се инклузивни и ги исполнуваат потребите на ранливите групи, како што се возрасните и луѓето со пречки – се нагласува во програмата.

Според највите, новата власт вниманието ќе се насочи кон вработување квалитетен кадар, но и како тој да се задржи во државната служба, а тоа ќе се направи преку награди и повисоки плати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.