Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада Димитар Ковачевски се очекува утре до Собранието да го достави предлогот за состав на владиниот кабинет и новата владина програма, а на крајот од неделава да се одржи собраниска седница за избор на владата.

Во интервју за МИА, Ковачевски вели дека подготовките за новата влада се на самиот крај, а програмата и кадровските решенија се усогласени со коалициските партнери.

Нашата цел да составиме стабилна Влада со јасни принципи на делување е исполнета. Ваквата Влада ќе значи ефикасност во работењето и стабилност во решавањето на сериозните предизвици кои ни претстојат. Во однос на кадровските решенија, би рекол дека тоа се луѓе кои ги отсликува ефикасноста во работењето, имаат сериозен професионален капацитет, чесност и желба да работат за граѓаните и општеството. Социјалдемократските вредности и пристап во политиката се исто така одлика на новиот тим. Тоа се луѓе кои веруваат во еднаквоста и солидарноста, кои се борат за правата на ранливите, а правичноста е нивна карактерна особина – вели Ковачевски.

Според него, секој е заменлив, особено доколку во одреден момент повеќе не е на висина на задачата и тоа ќе биде и основен принцип на ефикасно управување и новата влада. Што се однесува до новиот владин состав и ресорите со кои ќе раководи СДСМ, додава тој, станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација и резултати во своите ресори.

Од сите нив очекувам максимално посветена работа, остварување на ветеното и фокус на приоритетите од програмата. Новата влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на економските предизивици, како и на зајакнување на животниот стандард на граѓаните. За ова да го постигнеме секој член, секој дел од овој мотор мора да функционира беспрекорно – вели  Ковачевски.

Тој, по добивањето на мандатот од шефот на државата, изјави дека планира владата да ја предложи околу 10-11 јануари, односно во пократок рок од уставно предвидениот.

Мандатот од претседателот Стево Пендаровски, Ковачевски го доби на 29 декември откако шефот на државата од СДСМ беше известен за предлог за мандатар, поддржан од политичките партии кои заедно имаат мнозинството во Собранието. По приемот на мандатот, мандатарот во рок од 20 дена, значи не подоцна од 20-тиот ден треба да излезе пред Собранието со предлог персонален состав на новата влада и програма за работа на владата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во својата завршна годишна изјава на крајот од декември, лани, на новинарско прашање околу постапка за избор на нова влада, изрази надеж дека мандаторот нема да оди во крајните рокови, имајќи ги предвид, како што рече, преговорите што се направени претходно и најавите по однос на евентуални поединечни персонални решенија. Тој додаде дека очекува таа да биде функционална на 17 јануари 2022 година.

Во секој случај, варијантите за организација на работата на Собранието се предвидени, и ако е тоа крјаниот рок 20-тиот ден, а и ако е пократок рокот. Но, во секој случај, во моментот кога ќе се добие персоналниот состав и програмата на владата, тогаш почнува рокот на Собранието, во рок од 15 дена од тој момент да се свика седница за избор на влада. Седницата трае два дена. Вториот ден, пред 24 часот треба да се гласа за нова влада.Очекувам некаде 10-11 да добијам предлог состав на владата и програма и врз основа на консултации со пратеничките групи кои се во Собранието, да се определи датум за одржување седницата. Најверојанто тоа ќе биде 15-16 јануари, односно ако се добие предлогот на 10-11, 15-16 да се одржи дебата два дена, вториот ден на 16, пред 24 часот да се изгласа новата влада, која на 17 изутрината би ги презела функциите во министерствата, односно во владата како тим со мандати и со сите овластувања коишто произлегуваат од одлуката со избор – изјави Џафери.

Од владејачката СДСМ за денеска најавија седница на Извршниот одбор, по што најверојатно во 20 часот ќе има состанок и Централниот одбор.  Заменик-претседателката на партијата Сања Лукаревска, во изјава дадена пред божикните празници најави дека во понеделник се очекува да има седница на Централниот одбор на СДСМ на која претседателот и мандатар Димитар Ковачевски ќе ги презентира имињата за составот на владиниот кабинет, по што ќе продолжи соодветната процедура во Собранието.

Согласно Законот за Влада, Владата ја избира и разрешува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. При предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Владата стапува на должност со денот на изборот. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.