Претседателот на македонската Влада Христијан Мицкоски утринава, меѓу првите лидери во регионот, му ја честиташе изборната победа на претседателот Доналд Трамп.
Во пораката, упатена набргу откако Трамп се обрати до нацијата и до светот, премиерот Мицкоски порачува дека „со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи.
Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион“.
Покрај протоколарната намена на честитката, во која Мицкоски вели и дека изборот на претседателот Трамп е „потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата“, јасно е Македонија влегува во нова фаза на своите односи со најважниот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Македонија и САД ретко имале совпаѓање да бидат управувани од идеолошки блиски политички партии, иако ВМРО-ДПМНЕ честопати нескриено црпела инспирација во своите политики од американската Републиканска Партија.
Освен неколкуте години совпаѓање на мандатите на претседателот Џорџ В. Буш со премиерите Љубчо Георгиевски и Никола Груевски, кои минаа во сенка на војната во 2001 и самитот во Букурешт, и еднакво драматичните неколку месеци во кои се вкрстија мандатите на Груевски и Доналд Трамп, на ВМРО-ДПМНЕ обично му се случувало да управува со Македонија кога со САД владее левата Демократска Партија, со нејзините нескриени симпатии кон левата политичка опција во Македонија и особено кон албанскиот политички фактор, што неретко се прелевало и во официјалната американска надворешна политика кон Македонија.
Во пресрет на изборите во САД, македонските власти имаа низа средби со претставници на неговата администрација. Неизбежен тука е водечкиот дипломатски советник на Трамп, Ричард Гренел, кој во неговиот прв мандат држеше неколку важни функции – амбасадор во Германија, директор за национална безбедност и, што е особено интересно за нас – пратеник за Балканот.
Оваа последна функција Гренел продолжи да ја држи и во мандатот на претседателот Бајден – тој беше чест гостин во балканските главни градови, одржувајќи ги контактите на балканските водачи со кругот околу Трамп, а воедно беше ангажиран и на реализирање на бизнис интереси на семејството Трамп во регионот – особено во Србија и Албанија.
Гренел зад себе има и една сериозна иницијатива за постигнување на договор меѓу Србија и Косово, која беше попречена со чудно темпираното покренување на истрага против Хашим Тачи, но при што сепак се издејствува средба на највисоко ниво во Белата Куќа и привремено унапредување на односите на двете земји.
Имајќи го предвид ова докажано искуство и ангажман за решавање на сериозни балкански спорови, премиерот Мицкоски се сретна со Гренел неколку пати по доаѓањето на власт – еднаш во Вашингтон, а еднаш при посетата на Гренел на Македонија, при што двете средби беа претставени како срдечни и успешни.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, при една од неговите посети на САД, имаше и заеднички настап на телевизијата Њузмакс – позната како медиум кој го има вниманието на претседателот Трамп, при што во име на Македонија најави дека ќе продолжиме во секој поглед да ја усогласуваме нашата надворешна политика кон Украина и другите важни глобални прашања со политиката на САД.
Пред изборите во САД, премиерот Мицкоски оствари средба и со деловна делегација која исто така е блиска до претседателот Трамп.
Македонско-канадскиот бизнисмен Крис Павловски и поранешниот конгресмен Девин Нунес се деловни партнери на Трамп, при што соработуваат со компании во Македонија.
Заедно со нив, на средбата со Мицкоски и министри од македонската влада присуствуваше и мултимилијардерот Хауард Латник, кој сега е ко-претседавач со транзицискиот тим на претседателот Трамп и со тоа ќе биде важен двигател на формирањето на неговата администрација.
Латник, како што пренесе премиерот Мицкоски, е заинтересиран да и помогне на Македонија да го развие својот финансиски сектор – со предлози кои премиерот Мицкоски ги оцени како исклучително позитивни за земјата. Македонската влада воедно одржува блиски односи со Унгарија, чиј премиер Виктор Орбан е водечки поддржувач на претседателот Трамп во Европа, промовирајќи ги неговите политики во областа на безбедноста, миграциите и националната држава, честопати во конфликт со либералното раководство на Европската Унија.
Формирањето на повеќе десно ориентирани влади на Балканот и во средна Европа гарантира дека земјите од регионот своите односи со Белата Куќа нема да ги градат само индивидуално, туку и колективно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.