Македонското Министерството за надворешни работи со нон-пејпер, покренува меѓународна акција со цел преку контакти луѓе со луѓе да се запознае руското општество со вистинските случувања во Украина и пренесување на пораката дека „народот не е виновен за конфликтите предизвикани од нивните ирационални лидери“.

Како што објави „360 степени“, се испраќа до земји членки на ОБСЕ, на Европската Унија, но и до други држави кои се придружија или самостојно воведоа политички и економски санкции за Русија. Иницијативата е и во функција на идното претседавање на Македонија со ОБСЕ.

Одлуката на Кремљ да води војна во Украина е во спротивност со сите основни меѓународни норми кои го гарантираат суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на секоја држава. Народот во Русија треба да биде информиран и свесен за оваа бесмислена и неоправдана агресија, иако пропагандата на нивната Влада е во полн замав, пишува во документот.

Идејата е во услови на дезинформациска кампања на која се изложени руските граѓани, да се воспостават канали на комуникација на различни групи професионалци од Европа и пошироко со нивни колеги од Русија.

Предлагаме општествата во Европа и пошироко да бидат погласни во комуникацијата со своите колеги во Руската Федерација, со цел гласот на разумот да надвладее. Додека се осудуваат постапките на Путин, треба јасно да се каже дека народот не е виновен за конфликтите предизвикани од нивните ирационални лидери. Понатаму, тие треба да се соочат со вистината за нападите врз цивилните објекти – објекти за домување, училишта и болници, како и за цивилните жртви, вклучувајќи жени и деца“, пишува во нон-пејперот на МНР.

Во документот се оценува дека додека обичните украински граѓани се соочуваат со ужасите на војната, обичните руски граѓани се соочуваат со кампања за дезинформирање и агресивна пропаганда од Кремљ, во обид да се оправда. Последиците од неиспровоцираната и неоправдана воена интервенција на руската Влада во Украина, во поширок контекст, како што се наведува, се чувствуваат низ цела Европа и светот. Убедени дека рускиот народ нема да се согласи со оваа агресија и кога ќе се соочи со злото, целиот свет ќе се обедини.

Во оваа насока, ние го поздравуваме гестот на истакнатите руски дејци што го кренаа гласот против војната. На Русија и на целиот свет им требаат уште вакви примери. Целта на овој ангажман е да ги убеди луѓето во Русија дека остатокот од Европа и другите не се нивни непријатели. Треба да ги здружиме нашите напори за да го запреме страдањето. Да го увериме рускиот народ дека сакаме да го вратиме мирот и да ја продолжиме нашата соработка заснована на еднаквост, слобода, правда, почитување на човековите права и пријателски односи меѓу државите“, се наведува во нон-пејперот.

Во документот се поздравува и неодамна усвоената Резолуција на Генералното собрание на ОН за агресијата врз Украина, оценувајќи ја како одличен пример дека Русија е тотално изолирана во нејзиниот наратив.

На крајот, лидерите ќе си подадат рака, но цената ќе ја плати народот. Тагата на мајката е иста кога се соочува со војна и кога ги губи своите синови. Стариците ќе го чекаат својот маченички син, жената ќе го чека саканиот сопруг, а децата ќе го чекаат својот татко. И сите ќе платат иста цена, без разлика на која страна се од границата, се вели во документот од МНР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.