Дванесет села се зафатени во пожарите, кои од попладнево беснеат во земјава, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов кој во моментов е во Светиниколскиот регион, каде што огнот влезе во три села и опожарени се стари куќи, но и куќи во кои живее месно население во селата Немањици и Малино.
За жал имаме изгорени куќи, повеќе од куќите во село Немањици се стари и напуштени, но овде имаме зафетено и куќи во кои живее месното население. Зафатени села со пожарите се и на територија на Општина Куманово, три села и тоа село К’шање, Кокошино и Мургаш, каде што претежно има викендици. На територија на Општина Старо Нагоричане три села Малотино, Ригињци и Коњух, потоа во Општина Свети Николе Немањици, Орел и Малино. Во суштина овој пожар во село Немањици, каде што се наоѓаме сега започна од селото Орел, кој изби некаде на сред село и тргна наваму со голема брзина, вели Ангелов.
Посочи дека во Општина Пробиштип се зафатени две села: Горно Барбарево и Стрицовци, додека на територија на Општина Штип е зафатено село Стар Караорман. Тој додаде дека според досегашните информации дел од овие пожари се ставено под контрола.
Во селото Немањици, буквално гори од сите страни. Изгорени куќи има и во горниот и во долниот дел на селото, во последен момент е спасена и црквата. Мештаните забележуваат дека тројца нивни соселани со полиција биле извлечени од нивните куќи и бачила, кои сакале да ја спасат покуќнината, но и овците во бачилата. Пожарот брзо се ширел поради ветерот кој дува во Овчеполскиот регион. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев истакна дека во селото Орел се изгорени неколку куќи, а во село Немањици изгорени се една четвртина од куќите.
Самиот ветар не ни дава мир и не знаеме што ќе се случи во текот на ноќта, има пожар во село Малино на Ѓуриште и мислам дека пола село е изгорено, старо село, со тоа што пожарот се провлекува веќе надолу и накај патарината на автопатот Свети Николе Миладиновци, вели Владев.
Пожарот од село Немањици се шири кон селото Ерџелија, на терен со огнените стихии на територија на Свети Николе се пожарникари од ТППЕ-Свети Николе, Штип, Велес, Неготино, Кавадарци, пожарникари доброволци, припадници на Армијата. Додека дописничката на МИА беше во селото Немањици, хелиокоптер со ведро ги гаснеше куќите, а вода полнеше од блиската брана Мавровица.
Опожарени се земјоделски површини и лозја, како и нискостеблеста шума и трева. На повеќе локации во Овче Поле со механизација се прават и пресеци со цел пожарите да не зафатат куќи и земјоделски површини.
Предмалку директорот на ЦУК Ангелов извести дека голем пожар на отворено избувна и и на Маркови Кули во Прилеп.
Последни информации од ЦУК (22 часот):
Денес (понеделник) 29.07.2024 година на територија на цела држава има вкупно 42 пожари на отворено и шумски пожари, од кои 17 се активни, 4 се под контрола и 21 е изгаснат.
АКТИВНИ ПОЖАРИ: 17
– Општина Куманово: с.К’шање – с.Кокошиње;
– Општина Старо Нагоричане 1: с.Руѓинце, с.Коњух;
– Општина Свети Николе 1: с.Малино;
– Општина Свети Николе 2: с.Орел – с.Немањици;
– Општина Пробиштип: с.Зелениград – с.Јамиште;
– Општина Македонски Брод: с.Тажево – с.Брезница – Крак кон Јасен;
– Општина Кочани: с.Главовица;
– Општина Прилеп: с.Радобил;
– Општина Долнени: с.Секирци;
– Општина Свети Николе 3: с.Делисинци;
– Општина Старо Нагоричане 2: с.Малотино;
– Општина Липково 1: с.Отља – с.Липково;
– Општина Липково 2: с.Никуштак;
– Општина Ново Село: Смоларски Водопади;
– Општина Струга: с.Велешта;
– Општина Чашка: с.Оморани, м.в.Мукос;
– Општина Прилеп: Маркови Кули;
ПОД КОНТРОЛА: 4
– Општина Штип: с.Црешка;
– Општина Делчево: Депонијата која тлее во внатрешноста и нема опасност од проширување;
– Општина Демир Хисар: Илинска Планина помеѓу с.Слоештица и с.Брежани и с.Плаќе;
– Општина Пробиштип: с.Горно Барбарево кон с.Стрисовци;
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.