Ниту еден наставник нема да го изгуби своето работно место или пак ќе добие помала плата, поради интегрирањето на предмети во основното образование, кое го предвидува новата Концепција за основно образование што веќе трета година по ред е основа за крупни промени во базата на образовниот систем кои треба да овозможат покреативна настава и добро подготвени, иновативни и креативни ученички генерации.
Ова го потврди министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната средба со претседателот на Независниот синдикат за образование и наука, Томислав Гиевски и неколку други претставници на највисокото раководство на оваа синдикална организација.
Промените кои ги правиме немаат за цел никому да наштетат. Напротив, проектирани се да го подигнат квалитетот на часовите и јас уверувам дека ниту еден наставник нема да остане без работа или пак да му биде намалена платата поради спојувањето на предмети, за што во јавноста уште минатата година се појавија дезинформации со кои креаторите сакаа да создадат вознемиреност и несигурност кај наставничката фела. Но јас потврдувам дека со наставниците сме на иста страна и заедно низ дијалог со вас и другите синдикални организации ќе работиме за унапредување на нивните права, рече Шаќири.
Тој додаде дека воопшто не треба да се размислува за намалување на нечии плати во образованието, затоа што токму оваа Влада во неколку наврати ги зголеми платите на вработените во основните и средните училишта.
Во моментов со поддршка од УНИЦЕФ и низ социјалниот дијалог, работиме на нова формула за финансирање на основното и средното образование, како и нова методологија за пресметка на плати, со што очекуваме нов пораст на личните примања на наставниците, но за ова дополнително ќе информираме откако ќе имаме нешто поконкретно дефинирано, нагласи министерот.
Од синдикатот изразија задоволство што министерот и МОН покажуваат голема отвореност за соработка и заложба за подобрување на состојбите во областа на образованието и науката, а особено за подобрување на условите за работа и воопшто за унапредување на правата на наставниот кадар. Посочија дека и натаму ќе даваат свои предлози и идеи за да придонесат кон креирање на што поефикасни национални образовни политики.
Интегрираните предмети почнуваат од петто одделение според Концепцијата за основно образование и оваа година продолжуваат во шесто, а наредните години и во седмо, осмо и во деветто одделение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.