Штабот изгледа прекрасно, а оваа голема бројка која што ја гледам тука пред нашиот изборен штаб мислам дека кажува само едно, дека ќе имаме огромна победа и на 24-ти април и на 8-ми мај. Промените ќе дојдат, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, порача Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа на ИЕ4 при вчерашното отворање на изборниот штаб во Струмица.

Николоски додаде дека доаѓаат подобри денови за Македонија.

„На мојот противкандидат, носителот на листа не му кажале дека во 4-ката има општини во кои што луѓето главно се занимаваат со земјоделие и лебот си го вадат од земјоделие. Затоа што гледам дека води кампања како да е носител во ИЕ1 и како да настапува во Капиштец, а не во Струмица или не во Прилеп, не во Гевгелија, а Новаци мислам дека не знае кај е на картата“, рече тој.

Николоски посочи дека затоа казната на неговиот противкандидат ќе му стигне на осми мај, на него и на сите кои што му прават кампања.

„Слушам дека ја ангажирал ПР агенцијата „Рејтинг“, вака да поедноставиме да не изгледаат тешки зборови тоа се агенции за продавање ветар и магла. За која што плаќаат ни помалце, ни повеќе 100 евра по текст на портал кој што ќе објави текст за него. Повторувам 100 евра по текст на портал кој што ќе објави текст за него“, рече Николоски.

Тој укажа дека на пример денеска неговиот противкандидат имаше 18 текста и тоа се 1.800 евра потрошени само за еден ден.

„Еве да одиме и по нивната минимална плата, тоа се 6 минимални плати потрошени само денеска“, нагласи тој.

„Па еве да прашам од овдека од Струмица од кај се парите? Од вила „Парк“ се, од друго место се, од кај идат торбиве? Да знаеме како е можно да се плаќаат по 100 евра од текст на портал за да се промовира некого“, запраша Николоски.

Тој додаде дека народот нема кратка меморија и многу убаво се сеќава дека најголемите афери во здравството, најголемиот криминал во здравството се случи токму во мандатот на Венко Филипче.

„Јас искрено мислев дека ќе избега од политиката и ќе моли Господ да се заборави, да помине време, некако да се шмукне да не одговара, и на тој начин да се спаси. Ама не, тој реши да се враќа во политика. И штом решил да се враќа во политика, мислам дека нема подобро место од Струмица за да поставам неколку прашања на кои што избегнува да одговори во изминативе месец дена и да замолам да ми одговори на овие прашања. Знам дека после овие мои прашања пак ќе следува на истите овие портали и на неколку фејсбук страни таму можеби и по 200 евра о текст плаќаат, знам дека ќе следува една серија лични навреди за мене, спремен сум да ги истрпам нема проблем. Откако ќе завршат со личните навреди мислам дека е фер да одговори на неколку прашања. Првото прашање на кое што јавноста очекува одговор е каква е неговата улога и мислења за 14 луѓе кои што живи изгореа во модуларната болница во Тетово? Второто прашање е како тоа сте стерилизацијата во сите здравствени установи во Македонија на јавно приватно партнерство се даде на фирма од Албанија? Третото прашање е како Македонија последна доби вакцини и дали е тоа поврзано со фирмата „Стабри“ која што беше регистрирана во Хонг Конг за трговија со банани и друго јужно американско овошје, и од која што провизиите стигнаа ама вакцините не стигнаа? Четвртото прашање е каква е неговата улога врз притисокот на сопственикот на една приватна болница, да истата ја продаде на Клодијан Алајбеу од Албанија? Петтото прашање кое што заслужува одговор е каква е неговата поврзаност со семејството Пановски и случајот Онкологија каде што на болни од рак не им се давала терапија со цел некој да става пари во џеб? И бројни други прашања, еве последното прашање од мене за вечерва дали не го гризе совест што Македонија по смртност, по црна статистика во време на корона криза кога секој ден држеше прес конференции и само на личен рејтинг работеше е петта во светот“, праша Николоски.

Николоски порача по победата на ВМРО-ДПМНЕ ќе започнат промените во државата и ќе се стави крај на ова лошо владеење на актуелната власт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.