Делегацијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го нашушти чествувањето за Илинден на Мечкин Камен без да го проследи обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски. Како што изјави потпретседателот на партијата Александар Николоски, ова е поради партиското и политичкото дејствување на владејачката СДСМ.
-Ние сме тука, но за жал СДСМ не успеа да се надмине себе, донесоа тука исклучиво партиски активисти. Ги носат со автобуси и на сите кои што не се членови на СДСМ вклучително и на бројни членови на ВМРО-ДПМНЕ им е забрането да пристапат тука, за што бевме информирани пред почетокот на оваа манифестација. Всушност, и на одредени луѓе кои што беа дел од оваа наша делегација им е забрането да пристапат тука, не знам од што се плашат, веројатно се плашат од народот. Дури и со партиски активисти не успеаја да го наполнат Мечкин Камен, затоа што Мечкин Камен може да се наполни само и исклучиво со македонски народ кој доаѓа со чесна мисла, а не под политичка наредба, изјави Николоски.
Тој истакна дека се рушат идеалите на сите тие кои ги дале своите животи за независна и обединета Македонија.
-Се рушат идеалите на генерации кои што сонуваа за македонска држава, со македонски јазик како официјален јазик на истата, со македонска култура, со македонска традиција и историја, со македонски корени кои што датираат векови и векови наназад. Но, оттука, од Крушево сакам да порачам дека Македонија и македонскиот народ се многу посилни. И никакви договори, никакви попуштања нема на ниеден начин да ја променат самобитноста на македонската национална борба. Илинденското востание е македонско, и тоа е јасно и го знаат сите, го знае цел свет. Било, е и ќе остане македонско!, додаде Николоски/
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.