ВМРО-ДПМНЕ е кредибилен партнер на најголемото политичко семејство во Европа, најголемата партија во Европа, Европската народна партија. Членството на ВМРО-ДПМНЕ во Европската народна партија значи многу за Република Македонија и за граѓаните. Во билатералните средби кои ќе ги имаме денес и утре, но исто така и во говорот кој ќе го има претседателот Мицкоски, но и во обраќањата на разните панели, ќе зборуваме за состојбите во Македонија, ќе информираме за случувањата во ВМРО-ДПМНЕ, за реформи кои доведоа до успех за ВМРО-ДПМНЕ и убедлива победа на локалните избори како и барањето за предвремени парламентарни избори, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за вестите на Алфа телевизија од 27 Конгрес на ЕПП во Ротердам каде што присуствува како дел од делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од претседателот Христијан Мицкоски.
Николоски истакна дека од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе се посочи и тоа што се случува во Македонија бидејќи со оваа влада на СДСМ и ДУИ системот на владеење на право е нарушен, Македонија брои порази, а исто така цвета корупцијата и тоа се два сегменти на кои што мора да има силен фокус.
Ќе разговараме и за ветото од Бугарија и блокадата на преговорите за членство во ЕУ. Владата не ја информирала ВМРО-ДПМНЕ за ништо од тоа што се случува на релација Македонија – Бугарија. Владата на СДСМ и ДУИ одлучи да ги држи преговорите затворени затоа што се плашат од тоа што ќе излезе во јавноста, а тоа е национално предавство кое што подолго временски период го спремаат. Но, тоа порано или подоцна излегува и ги предупредувам да не прават ништо што ќе биде на штета на македонскиот јазик, идентитет и самобитност, затоа што ако го направат тоа ќе се соочат со жесток одговор од страна на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Николоски.
Николоски додаде дека ќе се разговара и за финансиската криза која што натежнува и која што е исклучително значајна за секојдневниот живот на граѓаните, затоа што гледаме недостатоци на основни прехранбени производи и нивно големо поскапување, нешто што владата не дава одговор.
– Веќе е најавено зголемување на цената на електричната енергија, која што веќе е зголемена за 5-6 пати за компаниите и институциите. Тоа се теми на коишто мора да се даде одговор. ВМРО-ДПМНЕ има кредибилен одговор и ќе го сподели со своите сестрински партии тука во Ротердам, истакна Николоски.
Во врска со изборот на нов претседател на ЕПП по оставката со Доналд Туск, Николоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ имало одлична соработка и со Туск, а и со сите претходни, додека пак Манфред Вебер кој се очекува да биде нов претседател е докажан пријател и на ВМРО-ДПМНЕ, но и на Македонија.
– Манфред Вебер е долгогодишен пријател на ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа од Баварија од Германија, во моментов е претседател на групата на ЕПП во Европскиот парламент, докажан пријател на Македонија и поддржувач на членството на Македонија во ЕУ и докажан пријател на ВМРО-ДПМНЕ. Очекуваме заеднички да работиме на воведување на функционален систем на владеење на правото, на борба против организираниот криминал и корупција, реформи во здравството и реформи во образованието како 4 клучни сектори кои секој граѓанин сака да ги види, истакна Николоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.