Во однос на илибералните политики коишто ги води, за тие политики народот даде двотретинска поддршка. Ние водиме политики во Македонија коишто се дел поразлични затоа што прво, етничката композиција на Македонија и Унгарија е различна, второ, политичките традиции се различни и трето, опкружувањето е различно и, секако, дека политиката се прилагодува на домашните барања и не може да се увезуваат политики и идеологии од каде било каде, вклучувајќи и од таму, рече потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ во гостувањето во „360 степени“

Информациите за Вархеји што ги кажа Димитров првпат ги слушав кога ги пренесе јавно откако престана да биде член на Владата. Од средбите што ние сме ги имале со еврокомесарот Оливер Вархеји знам дека се работи за силен поддржувач на европската интеграција на Македонија, сериозно вложен во решавање на проблемите, а факт е и дека Европската комисија што тој ја претставува, смета дека Македонија треба да ги почне преговорите со ЕУ, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, прашан за коментар на наводите на ексвицепремиерот Никола Димитров за негативната улога на Унгарецот Вархеји во дијалогот Скопје-Софија.

Според Николоски, проблемот не е во Варехеји, туку во поголемите земји во ЕУ.

„Проблемот е што сериозни членки на ЕУ, кои ги носат одлуките, сметаат дека Македонија не е спремна. Прво, не ставија во иста група со Албанија, што според мене е најголемата дипломатска грешка и пораз на Македонија, кога јавно кажував да не се случи тоа, ми велеа дека е научна фантастика, за жал, се случи навистина. Потоа, Заев не убедуваше дека кога ќе се потпише Преспанскиот договор ќе почнат преговорите, на 17 јуни го потпиша на 29 јуни доби „не“, следната година пак доби „не“, во октомври пак „не“, па потоа дојде националната позиција на Бугарија. Тоа значи дека во јавноста се заборава дека меѓу Преспанскиот договор и одлуката на бугарското Народно собрание има година и пол, во тој период Бугарија не ја блокираше Македонија, други ја блокираа Македонија, бидејќи сметаа дека не е подготвена“, изјави Николоски.

На новинарско прашање како ја објанува блиската соработка и честите средби на раководството на ВМРО ДПМНЕ со унгарскиот премиер Виктор Орбан, познат по илиберални политики, Николоски рече дека Унгарија е лидер во многу работи и дека Македонија може да има само корист од тоа пријателство, а посочи и дека секоја држава спроведува различни политики и идеологии кои не можат да бидат увезувани.

„Се работи за лидер на Централна Европа и човек кој третпат победува на избори, овојпат со двотретинско мнозинство и со овој мандат ќе биде најдолговечен премиер. Со таков човек за пријател мислам дека Македонија може само да има корист и со таква држава која моментално има најдобри економски перформанси во ЕУ и која се справи и со коронакризата, а сега се справува и со економската. Во однос на илибералните политики коишто ги води, за тие политики народот даде двотретинска поддршка. Ние водиме политики во Македонија коишто се дел поразлични затоа што прво, етничката композиција на Македонија и Унгарија е различна, второ, политичките традиции се различни и трето, опкружувањето е различно и, секако, дека политиката се прилагодува на домашните барања и не може да се увезуваат политики и идеологии од каде било каде, вклучувајќи и од таму“, рече Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.