Имаме голем интерес од авиокомпании кои се заинтересирани да воведат нови дестинации од домашните аеродроми согласно јавниот повик што го објавивме, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во гостувањето на ТВ Алфа.

Николоски најави дека по завршување на јавниот повик на почетокот на месец октомври, ќе се изберат најдобрите компании кои ќе понудат нови атрактивни дестинации, а со тоа диреткно ќе се влијае врз зголемување и подобрување на авиосообраќајот во земјава.

Има голем интерес и ќе ги избереме најдобрите. Тоа што ќе потврдам е дека новите дестинации ќе се воведат со летниот ред на летање бидејќи авиокомпаниите ги планираат летовите една година однапред. Го избравме овој начин бидејќи сакаме да донесеме нови патници во земјава, а не граѓаните да си одат од земјава. Избравме финансиска поддршка, како еден од приоритетите на Владата бидејќи после короната имаме континуиран пад на бројот на патници и ова е начин како авиосообраќајот да го подобриме и да овозможиме прифатливи услови за патување“, истакна министерот Николоски.

Тој додаде дека значително се зголемува цената за финансиска поддршка и тоа од Скопје од претходните 7 евра се зголемуваат на 9 евра по патник, а од Охрид од претходните 4,5 евра се зголемуваат на 12 евра по патник, што е услов за зголемување на турзимот во охридско-струшкиот регион, додаде министерот Николоски.

Јавниот повик за финаниска поддршка беше објавен овој месец и трае се до 4 октомври. Финансиската поддршка е зголемена на 360 милиони денари за период 2025-2027 година, а се очекува да се привлечат преку 200 илјади нови туристи.

На владина седница поминаа бројни одлуки кои се поврзани со постапките за експропријација за изградба на автопатите Гостивар до Букојчани и од Прилеп до Битола, објави заменик претседателот на Владата и министер за трaнспорт, Александар Николоски во гостувањето на ТВ Алфа.

Тој истакна дека се забрзани постапките за овие два автопати кои се наоѓаат на Коридор 8 и 10 д, се со цел да се заврши комплетно постапката и што поскоро да започнат да се градат.

Ја забрзавме постапката за експропријација затоа што ако сакаме да градиме автопат мора да имаме прво чист терен. Посебно сме фокусирани на изградба на автопатите Гостивар до Букојчани или народски кажано Стража, како и на автопат од Прилеп до Битола и за таа цел денеска на седница на Влада донесовме бројни одлуки се со цел да поефикасно почнеме да ги градиме овие автопати.

 

Дополнително, одлична вест што сакам да ја кажам е дека работиме на изградба на вештачко езеро во Штип за наводнување и од рекреативен карактер, прво од ваков тип и прво во Источна Макеоднија, тоа е брана на река Отиња. За таа цел денеска донесовме одлука со која обезбедиме 2 милиони евра за дополнителни работи и очекувам до крајот на 2026 година да се заврши браната и да се полни езерото, а некаде после година дена после тоа да имаме и ново езеро во Македонија“, истакна министерот Николоски.

Во однос на состојбите во железницата, министерот потенцираше дека се продолжува со процесот на стабилизација во двете железнички претпријатија. Железница Транспорт доаѓа во состојба каде самостојно може да ги регулира обврските и тоа од фирма која пред нашето доаѓање на власт едвај се исплаќаше плата за вработените, сега тоа е надминат проблем, истакна министерот Николоски.

Тој најави сериозни планови за концептот градски воз во Скопје, со кој ќе му помогне на Градот да се реши сообраќајниот хаос а на граѓаните да се понуди ефикасен, брз и поевтин јавен превоз.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.