Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на четвртата изборна единица, Александар Николоски, во гостување во емисијата „360 степени“ која се емитува на МРТ1, за својот противкандидат во ИЕ4 од редовите на СДСМ, Венко Филипче, истакна дека за изборна кампања злоупотребува човечки судбини и здравјето на граѓаните кои некогаш му биле пациенти, со тоа што им оди во посета на нивните домови и потоа слики постира на социјалните мрежи.
Николоски истакна дека лекарите не им вршат услуга на граѓаните кога ги лекуваат, туку тие пред се лекуваат со Хипократова заклетва и заради тоа лекувањето не треба да се претвори во политика, злоупотребувајќи ги пациентите за изборна кампања.
Нечесно е да се злоупотребуваат човечки судбини и пациенти. Гледам оди по семејства коишто имаат болни или имале болни, се слика со нив и го објавува тоа на Фејсбук. Извинете, ама тоа е дно. Нема друг израз, затоа што докторите лечат со Хипократова заклетва да ги лекуваат оние на коишто им е најпотребно, а не е дека им вршат услуга. Затоа во Македонија се создава впечаток дека кога доктор лекува некого, му прави услуга и сега тоа треба да се пренесе во политиката. Не треба да се злоупотребуваат човечки судбини за политичка кампања“, порача Николоски.
Тој посочи дека посуштинско е неговиот противкандидат во четвртата изборна единица да одговори на прашањата коишто тој континуирано му ги поставува во овие две недели, а тој ги избегнува. Тоа се прашања поврзани со неколку скандали за периодот на неговото министерување со здравството.
Имајќи предвид дека решил да се врати во политиката, граѓаните очекуваат одговори, зошто Македонија имаше највисока смртност во корона кризата од сите земји во регионот, што се случи со стерилизацијата којашто отиде како јавно приватно партнерство на една албанска фирма, каква е неговата улога во обидот за препродажба на една приватна болница, тука во Скопје, на еден албански бизнисмен? Или, на пример, каква е неговата улога во набавката на вакцини од компанијата „Страбри“ којашто е регистрирана за трговија со јужно овошје во Хонг Конг или, на пример, каква е неговата улога во модуларната болница Тетово во која 14 луѓе го изгубија животот“, поралча Николоски.
Тој додава дека ова се легитимни прашања на кои што очекува одговор, како што е и добро да одговори која е неговата поврзаност со семејството Пановски, кое што е главен актер во случајот „Онкологија“, кој што ја тресе македонската јавност?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.