Треба да се стави крај на понижувањата, секое следно одење во разговори дополнително ги урива македонските национални позиции. Нема да се стигне до саканиот резултат. Мислам дека Декларација од страна на Бугарија во која ќе ја потврдат самобитноста на македонскиот народ и јасниот политички историски континуитет и самобитноста на македонскиот јазик може да биде добар импулс во односите помеѓу двете држави. Сето останато е национално понижување на македонскиот народ, изјави Александар Николоски, потпреседател на ВМРО-ДПМНЕ во „Тема на денот“ во дневникот на Сител.

Николоски истакна дека во односите со Бугарија нема реципроцитет, од една страна бараат отворање на клубови за култура и заштита на жртвите од комунизмот, од друга страна во сопствената држава не спроведуваат пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на жртви на комунизмот и кои промовираат етничка толеранција.

Јас сум член во Советот на Европа кој ги следи спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Бугарија има бројни пресуди кои не ги спроведува. На последните две рокот за спроведување им навршува сега овие месеци и се од 2020 година. Едната е за формирање на македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија. Значи Бугарија има проблем да регистрира ваков клуб и второто е друштво на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор, нагласи Николоски.

Тој посочи дека Бугарија бара во Македонија да се признаат жртвите на комунистичкиот терор, што ние го имаме направено затоа што во 2006 се усвои во Собранието рехабилитација на жртвите од комунизмот, а во исто време Бугарија има проблем да регистрира здружение на репресирани Македонци жртви на комунистички терор.

Тоа е таа дволичност на бугарската држава и политика која постои повеќе од 150 години. Најголем проблем на Заев и на Ковачевски е што не знаат историја. Не може да се занимаваат со врвна политика без да познавате историја, затоа што на тој начин ги уривате темелите на сопствената држава и тоа е нивниот клучен проблем во носење на анационално одлуки и политики потенцира Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.