Вчера три заклучоци на состанокот на Извршниот комитет. Прво беше благодарност до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата затоа што сите пратеници останаа доследни и истрајни на ставот кој што заеднички го донесовме, а тоа е дека не можеме да прифатиме уставни измени, а тоа беше потврдено во петокот при изгласување на дневниот ред, вели Александар Николоски пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во денешното гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21, по вчерашната седница на Извршниот комитет на партијата.

Николоски истакна дека донеле заклучок на седницата и барање до Џафери веднаш да се стави точката за уставни измени на гласање, а не да се одлага, бидејќи владата на СДС И ДУИ сама ја закажала седницата на 18 август, се со цел да се види волјата на пратениците.

Второ работа која што ја побаравме е да не се одлага гласањето за уставните измени, односно веднаш да се стави во Собрание и да не се одлага овој процес затоа што на крајот на денот 18 август како термин за условно кажано, изгласување или неизгласување беше определено од власта. Тие самите ја закажаа седницата без да консултираат никого и без да прашат, така што ако самите ја ставиле на 18 август, фер е да се стави на гласање за да се види јасно волјата на пратениците, потенцираше тој.

Потпретседателот Николоски нагласи дека имајќи во предвид дека владата не може да го испорача она кое што го ветила а тоа се почеток на преговори со Европската унија најлогично е да се распушти собранието и да се оди на брзи предвремени парламентарни избори, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да се откаже од техничката влада.

И третата работа имајќи во предвид дека власта нема двотретинско мнозинство за уставни измени, а целокупната приказна околу власта, ако сакате и силување на демократијата која се случи после локалните избори, за која што многу сум зборувале, беше околу некаков почеток на преговорите со ЕУ. Очигледно власта не може да испорача и имајќи во предвид дека не може да испорача, најлогично е да се оди на брзи предвремени избори кои што ние повикуваме да се случат час поскоро, да се распушти собранието и во законски предвидениот род од 50 до 50 дена да одиме на предвремени парламентарни избори. При што и ние сме спремни и ние да направиме отстапка а тоа е да се откажеме од таканаречената Пржинска или техничка влада. Односно ВМРО-ДПМНЕ доброволно се откажува од двајца министри и тројца заменици министри од таа техничка влада за спроведување на избори, дециден е Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.