Агенција Рејтинг е професионална компанија за истражувања и комуникации која 15 години успешно работи на пазарот во Македонија, регионот и Европа. Секојдневните прес-конференции и соопштенија на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, со кои се оцрнува агенцијата без никаква основа, се срамен и недозволив чин за политичка хајка врз приватна компанија,реагираат од компанијата.

Агенција Рејтинг во своето петнаесет годишно искуство, има соработувано на проекти со политички партии и институции, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ. Сите проекти кои ги има реализирано се спроведени на професионален начин во целосно транспарентни постапки.

Оттука, оваа хајка за нас е неразбирлива и недозволива, за што правниот тим на компанијата ќе ги преземе сите правни дејствија да го заштити сопствениот углед.

Во соопштенијата и прес-конференциите се изнесени лаги и неточни информации за компаниите во сопственост на извршниот директор на Агенција Рејтинг, Никола Спасов.

Сакајќи намерно да го оцрни личниот углед на Спасов, ВМРО-ДПМНЕ пласира дезинформации за компанијата Гама Солар, каде Спасов има малцинско учество во капиталот на компанијата, а не доминантна сопственост. Компанијата Гама Солар, преку кредитирање на инвестицијата вложува во приватниот сектор, како и секоја друга компанија, а ваквото оцрнување нанесува штети и по угледот на останатите сопственици.

Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ лаже дека по експресни постапки се добиени дозволи, нешто што беше демантирано од Агенцијата за енергетика во чија надлежност е издавањето на лиценци.

ВМРО-ДПМНЕ на крајно перфиден начин, со лаги и манипулации, се обидува да создаде впечаток дека агенцијата и директорот Спасов се стекнале со некаков милионски имот или бизнис на нелегален начин, што е бесрамна лага и манипулација. Ниту агенцијата, ниту сопственикот Спасов, не располагаат со милионски бизнис, а сите приходи и работењето на агенцијата е целосно согласно законот.

Со оглед на фактот дека „правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото” се уставно загарантирани темелни вредности, со ваквите прес-конференции ВМРО-ДПМНЕ од позиција на власт со умисла упатува суптилни закани врз приватно правно лице.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.