Македонија се доведе во една сериозно подредена позиција кон Бугарија заради немањето на национална стратегија, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското собрание Александар Николоски, во вчерашното гостување во емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат М.

Николоски потенцираше дека проблемот со Бугарија не може да се реши со два разговори на маса, посочувајќи дека се додека не го сфатат тоа сегашните политички чинители во владата Македонија континуирано ќе губи.

Јас апелирам дека треба да се изгради национална стратегија за односите со Бугарија. Јасна е политиката на Бугарија кон Македонија. Тие гледаат кон нас на различен начин на кој што ние гледаме кон себе, и се додека тоа не го сфатат врвните политички чинители во Македонија, ние ќе имаме сериозен проблем. Не е проблемот со Бугарија од денес за утре и не може да се реши со два разговори на маса. И затоа континуирано Македонија губи. Доколку имаме јасна стратегија ќе можеме да ги поставиме и нашите јасни позиции од кои што мислам дека не смееме да се поместиме ни милиметар. Тие сега што прават? Одат чекор по чекор, велат да влезат Бугарите во Уставот, некој ќе рече па зошто да не. Но, јас ви гарантирам и да се случи тоа за шест месеци ќе има ново барање. Па да се реализира и тоа ново барање за шест месеци, за 12 месеци ќе има трето барање, зошто таму има јасен концепт и јасна стратегија која што гледате дека еве и во модерно време не се менува, влади се менуваат во Бугарија, стратегиите остануваат исти, дури се и толку цврсти околу тоа, ако некој малку избега го враќаат на колосекот, а дури и јавно на Петков му кажаа ако ја промениш политиката кон Македонија, нема да си премиер. Во такви услови ние треба да сме наивни да веруваме дека во Бугарија нешто ќе се смени или да мислиме дека ако направиме чекор, дека со тој чекор ќе се затвори проблемот, рече тој.

Според Николоски еден од начините за да се реши проблемот е да се добијат цврсти гаранции не само на писмено, туку и со одлука на Националното бугарско собрание дека нема веќе да има барања по однос на Македонија.

Затоа еден од начините да се реши проблемот е да се добијат цврсти гаранции не само на писмено, туку и со одлука на Националното бугарско собрание дека нема веќе да има барања по однос на Македонија. Ние се додека не видиме гаранции од Бугарија, не смееме како држава да направиме ниту еден чекор. Обидот да се одоброволи некој само ќе носи кон национална катастрофа и само ќе оди парче по парче решавање на проблемот според нив, а според нас создавање на проблемот, објасни Николоски.

Николоски смета дека владата на СДСМ и Ковачевски го третираат проблемот со Бугарија несериозно додавајќи дека никој од големите европски земји членки не врши притисок врз Бугарија која е една од послабите земји членки на Европската Унија.

Проблемот со Бугарија според мене е многу подлабок и посуштински, а се перципира од актуелната политичка елита многу по несериозно, и затоа нема напредок, тоа е едниот сет на проблеми. Вториот сет на проблеми е што никој не и прави притисок на Бугарија, јас стојам на сите мои изјави овие четири години дека нема сериозен притисок врз Бугарија, затоа што ние немаме проблем со најсилната земја членка на Европската унија, ние имаме проблем со најслабата или втора од долу земја членка од Европската унија. Доколку има јасна убеденост во најголемите европски центри дека Македонија заслужува да почне преговори, верувајте дека проблемот ќе го решат за едно претпладне или за едно попладне. А со став ние не се мешаме во билатералните прашања, во превод велат дека ние не сакаме вие да започнете преговори, затоа што ние не сакаме да ги решиме проблемите со Бугарија освен ако целосно капитулираме. И да одам чекор плус, дури и да целосно капитулира Македонија, доколку остане ова високо ниво на корупција и немањето на основни суштински реформи пред се во јавната администрација, јас ви гарантирам дека преговорите ќе почнат и ќе застанат веднаш затоа што државата не е спремна, изјави тој.

Николоски нагласи дека за разлика во Бугарија каде што и власта и опозицијата заедно градат стратегија и позиција во однос на спорот со Македонија, ВМРО-ДПМНЕ нема основни информации за разговорите со Бугарија.

Во моментот најголемата политичка партија во Македонија нема основни, не детални, туку основни информации за разговорите со Бугарија, дали е тоа нормално. Никој не го информира ВМРО-ДПМНЕ за тоа што се случува. За разлика во Бугарија каде на отворање на контроверзниот клуб во Битола заедно дојде и власта и опозицијата, каде што редовно се среќаваат кај претседателот на државата Румен Радев, кој што за разлика од нашиот си ја работи работата, и се брифираат и градат заеднички позиции. Кај нас се гради друга тактика според овие лекциите по лоши пи-ар школи, а тоа е на добри и лоши, мисли СДСМ дека ќе се договори со Бугарија, тие ќе бидат добри, а ВМРО-ДПМНЕ лошите, тие ќе биле тие кои што се за Европска Унија, ние ќе сме биле тие кои што се против Европска Унија. И на крај што прават, ја урнисуваат државата, дециден е Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.