Пратениците во македонскиот парламент денеска ги изгласаа измените во Законот за локална самоуправа со што нема да има вонредни избори за градоначалниците во општините Аеродром, Сарај и во Гостивар. Измените се изгласани со гласовите на пратениците од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, „Вреди“ и ДУИ, а со што градоначалничката функција ќе може да продолжат да ја извршуваат в.д градоначалници. За законот гласаа 83 пратеници и 24 од помалите етнички заедници при што на владината коалиција и требаше т.н голем „Бадентер“ којшто ѝ го обезбеди ДУИ. Пратениците од СДСМ гласаа против.

Блерим Беџети истакна дека ДУИ повторно ќе гласа за закон на власта само заради како што рече да не ги ставале граѓаните во трошок за нови избори.

Со овие измени се овозможува поставување на нови градоначалници во случај кога актуелните се именувани на други функции. Промените се предложени за да се избегне одржување на предвремени избори и да се обезбеди континуитет во управувањето на општините.

Неколку општини останаа без градоначалници по парламентарните избори. Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, сега е министер за надворешни работи, додека Арбен Таравари од Гостивар стана министер за здравство, а Блерим Беџети од Сарај премина во парламентот како пратеник. Во овие општини се назначени вршители на должноста градоначалници, но со предложените измени на Законот за локална самоуправа, ќе се овозможи назначување нови градоначалници без потреба од предвремени избори.

Членот 4 предвидува привремено решение за спроведување постапка за избор на нов градоначалник, кое ќе важи до одржување на редовните избори за членовите на советите на општините и Советот на Град Скопје. Ова решение ќе важи и за избор на градоначалник на општина и на Град Скопје, откако законот ќе стапи на сила.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.