Средбата меѓу премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не се знае точно кога ќе се одржи, ниту пак во кој формат ќе биде. Ковачевски најави средба со Мицкоски и со тимовите од двете страни, а Мицкоски вчера изјави дека преферира тет-а-тет средба затоа што според неговото искуство од тимските средби никогаш не произлегуваат заклучоци.
Ковачевски во четвртокот најави дека наредните денови ќе се одржи средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на која ќе присуствуваат и тимови од двете страни, додека Мицкоски вчера изјави дека инсистира на средба само со Ковачевски.
Теми на разговор, како што најави Ковачевски, би биле одлуките што се потребни за европската интеграција на државата, додека Мицковски смета дека треба да се разговара и за тоа што доколку уставните измени не ја добијат потребната поддршка. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да гласаат за овие измени и дека треба да се оди на есенски избори.
– Ќе повикам на лидерска средба, а темите ќе бидат одлуките што треба да се донесат за продолжување на европските интеграции на државата и зачленувањето на Македонија во ЕУ до 2030 година, како и темата за односите со соседите бидејќи добрососедските односи се едни од најзначајните за европските интеграции. Средбата треба да се одржи во текот на наредните денови и за сите детали ќе може да информираме заедно со сите учесници на средбата, рече Ковачевски во четвртокот во телевизиско гостување.
Мицкоски, пак, во емисијата „360 степени“ рече дека преферира средба само со Ковачевски.
– Моето искуство покажало дека на таков широк формат на средби, не лидерска, туку тимска средба, никогаш не се носеле заклучоци. Тоа е повеќе ПР-егзибиција, да поминат неколку часа разговори на оваа или на онаа тема, да излеземе пред новинарите, да дадеме изјави и практично, освен спектакл за јавноста, воопшто ништо нема да значи таа средба. Јас, напротив, сметам дека во овие моменти, кои се суштински за државата, е потребно после една таква лидерска средба треба да излеземе со некаков заклучок, рече Мицкоски.
Според него, доколку постои инсистирање наместо лидерска да има тимска средба, тогаш предлогот е прво да се организира средба меѓу тимовите, да се видат позициите, а потоа да се сретнат лидерите на двете партии.
Вели дека има две опции за кои би требало да се разговара – едната се уставните измени и втората што доколку не успее овој процес.
Од СДСМ вчера на прес-конференција порачаа дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа пред одлука – дали ќе ја поддржи интеграцијата на државата или изолацијата.
-Изборот е интеграција во ЕУ или изолација. Нема друга опција ниту шанса да добиеме подобар договор од овој што го имаме. А видоа граѓаните како изгледа изолација од 2006 до 2016 година, заробена држава без перспектива, режим, уназадена земјата која не напредува, рече портпаролот на СДСМ Дарко Каевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак одговорија дека на лидерската средба, доколку ја има, ќе стане јасно дали Ковачевски е, како што велат, полтрон на ДУИ.
– На лидерската доколку СДС престане со детските игри и воопшто ја има, ќе стане појасно дали Ковачевски е полтрон на ДУИ или не, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното соопштение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.