Во Скопје почна неформалната вечера на министрите за надворешни работи кои учествуваат на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, чиј домаќин е шефот на дипломатијата на Македонија и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.

Тема на која ќе разговараат шефовите на делегациите од земјите членки на ОБСЕ и држави партнери е воената агресија врз Украина и потребата од функционална Организација во време на конфликти и зголемени тензии.

На вечерата присуствуваат министри за надворешни работи на САД, на ЕУ, на земјите членки на ЕУ, Велика Британија, на земјите партнери од Медитеранот, Блискиот Исток и од Азија.

По вечерата предвидена е и културна програма за високите гости со настап на Влатко Стефановски, Теодосиј Спасов и Дамир Имери.

На најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во државава од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на Организацијата.

На Министерскиот состанок се очекуваат одлуки за изборот на претседавач за 2024 година, за што на подготвителниот состанок на амбасадори на 57-те земји членки неделава во Виена е постигнат консензус тоа да биде Малта, а треба да се одлучува и за буџетот, како и за именувања за клучните позиции во институциите на ОБСЕ..



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.