Министерот за надворешни работи на средбата со министерот за надворешни работи на Шпанија Хозе Мануел Албарез ја преставувал Република Македонија на албански јазик, иако е јасно дека службен јазик за меѓународна употреба е македонскиот.

Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ смета дека со овој потег на Османи е недржавнички и со тоа министерот од ДУИ ги прекршил Рамковниот договор и Уставот на државата и побараа премиерот Димитар Ковачевски да го осуди. Сепак, осуда од Ковачевски и од Владата нема.

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева денеска побара кривична одговорност за Османи, и ги повика надлежните органи веднаш да поведат постапка за дела против нарушување на угледот на државата.

Османи веднаш да поднесе оставка од позицијата министер за надворешни работи, тоа е најмалку што може да го направи по ваквиот недржавнички потег кој е понижувачки кон сите граѓани на Македонија. Срамен, недржавнички и понижувачки е односнот на Бујар Османи кој во својство на министер за надворешни работи на меѓудржавна средба не го користи македонскиот јазик како официјален јазик на Република Македонија.Од официјалната средба на Османи со министерот за надворешни работи на Шпанија преку прес конференцијата јасно се гледа дека Османи единствено го употребува албанскиот јазик, иако е јасно кој е службен јазик на Македонија за меѓународна употреба утврден со Уставот. Ова однесување е кршење на Уставот на државата, но и на самиот Рамковен договор. Османи да престане да биде лицемерен државник кој не пропушта прилика да нагласи како Македонија е почитувана земја од другите држави и конечно да почне тој самиот да ја почитува државата чиј државјанин е, а воедно и официјално именувано лице платено од парите на граѓаните рече Митева.

Од МНР, пак, ѝ одговорија на Митева, „воздржувајќи се да реагираат на Велигден“.

Во интерес на вистината, дозволете во целост да ги демантираме информациите за несоодветна примена на Законот за употреба на јазиците за време на средбите и/или прес-конференцијата со министерот за надворешни работи на Кралство Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено.

Примената на Законот за јазици на сите настани што се организираат од страна на Министерството за надворешни работи, кои патем се чести, јавни, и многубројни, е секогаш соодветно имплементирана. На секој настан министерот се обраќа пред домашната јавност на двата службени јазици дефинирани според Уставот и Законот за јазици, при што Министерството обезбедува превод, соодветно достапен за присутните медиуми.

Напоменуваме дека употребата на службените јазици на Република Македонија е материја која е регулирана со закон, каде прецизно е дефинирана употребата на службените јазици на земјава, и истата треба соодветно да се применува без притоа да биде предмет на политичка пресметка. Со оглед дека настаните и прес конференциите се јавна работа, ги повикуваме ВМРО–ДПМНЕ да ги поткрепат тврдењата со некаков доказ, запис или снимка; во спротивно, да покажат почит кон вредностите кои ги застапуваат и јавно да се извинат за непотребното создавање конфузија во јавноста на етничка основа“ се вели во соопштението од МНР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.