Младите во државава се соочуваат со криза на лидерство и целосна апатија, но во голема мера е присутна и желбата да бидат повеќе слушнати.

Ивана Туфегџиќ, најмлад пратеник во поранешниот состав на Парламентот, Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ и Марко Михаилоски претседател на СДММ се согласни дека во моментот нема соодветна атмосфера за креирање на успешни и просперитетни млади лидери во земјата.

Потребните карактеристики што еден успешен млад лидер треба да ги поседува се интегритет, јасна визија, конкретни цели и идеја за тоа каде треба да се движи една држава, посочува Михаилоски.

Според него, во моментов нема соодветни услови за формирање млади лидери, но додава дека на нив не треба да гледаме како на недостиг, туку како нешто на што треба да се работи постојано.

Идеални услови не постојат, на нив работиме самите ние во континуитет и ги создаваме заеднички. Дали имаме идеални услови во моментот одговорот на ова прашање секогаш треба да биде, не. Не само од денешен аспект, туку генерално. Бидејќи секогаш државата мора работи да се подобри од секој аспект и на тој начин младите да ја препознаат таа позитивна клима што се создава околу нив, како би се вложиле себеси во градењето на иднината, дома, истакнува Михаиловски.

Од друга страна, меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски оценува дека во моментот владее атмосфера на егзодус и апатија кај сѐ што значи млад и успешен кадар.

Тоа неминовно резултира со недостиг на млади луѓе подготвени да преземат обврска да бидат лидери во својата средина. Оттука, само правна држава во која владеат законите, иновации и дигитализација се стратегиите кои ќе придонесат кон промена на севкупните околности, смета Андоновски.

Образованието како појдовна точка за подобрување на лидерската криза

Ивана Туфегџиќ, која беше најмлад пратеник во минатиот состав на Собранието, во разговор за МИА посочува дека треба да се започе со реформа во образовниот систем.

Повеќето последователни кризи, како и праксата на несослушување, оценува Туфегџиќ ги „задушуваат“ важните карактеристики кои го отсликуваат потребното лидерство кај младите.

На прашањето дали државата креира лидери би тргнала од образованието кое сега е и актуелно, но некако не се успеа да се изгради образованието да ги следи социјалните текови, новите технологии, дигитализацијата и слично. Претходно беше актуелно критичкото размислување, јас сега би рекла дека треба повеќе атмосфера во која ќе владее сослушување, ние многу малку за жал се сослушуваме. Секогаш настапуваме со исклучиви единствени ставови и тоа е атмосфера која владее во целото општество, политиката се разбира ја креира, меѓутоа тоа понатаму се прелева и во сите други области и така се задушува напредокот, објаснува таа.

Туфегџиќ додава дека несослушувањето води кон задушување на напредокот, а следствено на тоа и на рушење на надежта на младите луѓе дека некогаш ќе бидат сослушани и тогаш бараат начин како да бидат слушнати надвор.

Според неа, не само во политиката, туку и во другите области недостига еден генерален пристап и стратегија во делот на извлекување на најдобрите кои понатаму би се инкорпорирале во градење на подобар систем.

Туфегџиќ оценува дека постојат позитивни примери како програмата на Европскиот парламент, Програмата за млади лидери која овозможува вмрежување на младите парламентарци регионално, Европскиот парламент и тие овозможуваат дијалог со младинските организации и младите лидери од различни области. Но, според неа недостига организирана и континуирана форма на градење на капацитетите внатре во рамки на политичките партии, како и во институциите.

Ние не можеме да видиме дека имаме некаков организиран систем во кој во рамки на институциите континуирано се градат капацитети и тие капацитети притоа се задржуваат тука во земјата затоа што голем предизвик е откако ќе се изгради капацитет во определан област истиот да се задржи овде, така што тоа веројатно треба да биде дискусија во понатамошниот тек, појаснува Туфегџиќ.

Поранешната пратеничка, која беше директно вклучена во изработката на Законот за млади, донесен со консензус и Стретагијата за млади, вели дека кризата на лидерство не е присутна само кај нас, туку на глобално ниво.

Додава дека несослушувањето води кон задушување на напредокот, а следствено на тоа и на рушење на надежта на младите луѓе дека некогаш ќе бидат сослушани и тогаш бараат начин како да бидат слушнати надвор.

Подмладоците на најголемите партии задоволни од вклученоста во креирањето на политиките

Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ и Марко Михаилоски, претседател на СДММ уверуваат дека политичките субјекти работат заедно со младите при креирањето на политиките.

Заеднички работиме на креирање мерки, особено оние за млади и рамо до рамо учествуваме во носењето на одлуки. Претседателот на младината е и полноправен член во Извршниот одбор на сениорите со формално право на глас, бидејќи решенијата мора да се квалитетни и институционално ставени на брза трака, вели Михаиловски.

Андоновски, пак, се осврна на изминатите 15 години.

Една добра пракса на ВМРО-ДПМНЕ во последните 15 години е да има прецизна проектна програма, чии мерки потоа стануваат владини мерки. Исто така добра пракса која продолжува до ден денес е младите луѓе целосно да се одговорни во идејниот дел на програмата за млади, а свое учество да земат и во програмите за образование, економија и други области, вели тој.

Според Михаиловски и Андоновски, подмладоците се вклучени во предизборните активности.

УМС на ВМРО-ДПМНЕ најавува дека за првпат ќе биде изработена Програма за млади.

Во процесот на подготовка на новата програма за следните парламентарни избори, како новитет УМС на ВМРО-ДПМНЕ за првпат ќе изработи своја програма за млади која ќе биде интегрален дел од партиската програма. УМС на ВМРО-ДПМНЕ преку своите општински и месни комитети најдиректно комуницираат со младите од нашата партија, но и млади кои се поддржувачи или потенцијални симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа преку постојаните академии, обуки, спортски настани и други дружења, младите од ВМРО-ДПМНЕ ги актуелизираат најважните прашања за младите, вели Андоновски.

Михаиловски посочува дека СДММ била целосно вклучена во изработката на предизборните програми и на централно и на локално ниво, особено во делот на мерките за млади.

Како подмладок најчесто имаме процес кој трае подолго: консултација со младински организации и организации за млади, консултација со млади по региони и по општини, консултација со студенти итн. Овој процес е најчесто преку неформални средби и од сите овие групи млади собираме предлози и мислења за се она што сметаат дека треба да се промени или донесе како нова мерка во државата или во нивната локална заедница. Понатаму, овие предлози ги преточуваме во конкретна понуда и истата понуда ја проследуваме до тимот кој работи на програмата – се разбира тим во кој и СДММ има свои претставници, појаснува Михаиловски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.