Откако денеска во Собранието на Македонија и со гласовите на пратеници од СДСМ не беше изгласана потребата од носење на Закон за амнестија, што беше предлог на министерот за правда Кренар Лога од Алијанса за Албанците, премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски изјави дека таквиот исход не треба да влијае врз стабилноста на владината коалиција. Секој пратеник има демократско право да гласа по свое убедување, рече Ковачевски.
„Владата донесе одлука и му се даде можност на министерот за правда да го образложи законот за амнестија пред пратениците, што беше направено во текот на денешниот ден. Но, пратениците во Собранието имаат суверено право да гласаат во свое име и во име на граѓаните во однос на законските решенија што се нудат. Сметам дека е запазена целата процедура и сето она што беше кажано и сметам дека ова не треба да влијае врз односите во коалицијата, со оглед на тоа дека секој можеше да го искористи своето демократско право да ги искаже своите аргументи, а оние кои што го имаат правото на глас да го искористат за гласање на парламентарната сесија“, рече Ковачевски.
Тој појасни дека уште кога бил предложен законот за амнестија постоеле различни ставови во однос на ефектите од него. Интенцијата на законот, нагласи, била да се растоварат затворите со оглед на нивната пополнетост и ставот на министерот за правда Кренар Лога беше дека тоа може да се направи со закон за амнестија. Ист таков закон за амнестија веќе е гласан во Собрание.
„Од друга страна постоеа аргументи кои го велеа спротивното, а тоа е дека претходниот закон не ги дал посакуваните ефекти со оглед на тоа дека најголемиот број на оние што биле амнестирани веднаш потоа биле сторители на исти кривични дела и биле повратници во затворите. И второ што на издржување на казна чекаат над 2.000 нови осуденици, што нема да доведе до растеретување на затворите и дополнително беа наведени како опции условниот отпуст, пробацијата и други мерки кои можат да се користат со цел растеретување на затворите од преголем број затвореници“, реќе премиерот.
Инаку, за потребата од носење на закон за амнестија по скратена постапка гласаа пратениците Албанци.
По гласањето министерот Лога рече дека од денеска Македонија е понеправедна држава од вчера.
„За жал јас ова го гледам како одмазда за неподдршката од моја страна и од мојата партија за измените на Кривичниот законик“, рече Лога.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.