Претседателот на Здружението на историчарите на Република Македонија проф. д-р Митко Б. Панов, дава најдетална и најпрецизна научна анализа за последиците од прифаќањето на бугарските позиции преку францускиот предлог.

Ја пенесуваме целата анализа на Панов за expres.mk:

Финалната верзија на Францускиот предлог, со кој билатералните протоколи со Бугарија стануваат составен дел од преговарачкиот процес, македонскиот народ и македонскиот јазик ќе ги сведе на еднострано декларирана само-определба, без историска генеза за идентитетско постоење.

Прифаќањето на Францускиот предлог ќе значи согласност за раскинување на историската врска на македонскиот народ со сопственото културно-историско наследство.

Ако кон тоа се додаде дека придавката „македонски“ со Преспанскиот договор е веќе забранета идентитетска придавка за нацијата и за државата, на патот кон ЕУ трасиран со Францускиот предлог, Македонците не само што ќе останат без Македонија, туку Македонија ќе остане без Македонците!

Националната свест на Македонците и историјата на македонскиот народ, ќе станат прашање кое претстои да се редефинира од страна на ЕУ – за да нема повеќе македонско прашање!

Пред и во текот на преговарачкиот процес, Македонците ќе бидат сведени на вештачки конструкт од 1944 година. Тоа ќе се постигне преку историското ремоделирање во согласност со националните наративи на соседите како прифатени европски историски „вистини“, кои ќе ги претворат македонскиот народ и македонската нација во современ идентитетски продукт на Договорите со Бугарија и Грција, без своја историја и без свое културно-историско наследство.

Ревизијата на историјата на македонскиот народ станува составен дел од преговарачката рамка и услов за интеграцијата во ЕУ
Во Францускиот предлог преточен во „Општиот став на ЕУ“, „Изјавата за одржувањето на првата Меѓувладина конференција“ и „Предлог заклучоците на ЕУ“, како клучни критериуми стануваат билатералните протоколи со Бугарија за ревизија на историјата. Во точка 5 од „Преговарачката рамка“ од Меѓувладината конференција, „Македонија“ се обврзува да постигне „видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување според член 12“.

Во „предлог заклучоците“ во точка 2, се повторува обврската за целосно имплементирање на билатералните договори. Притоа, во точка 3 од „предлог заклучоците“ и во точка 14 од „Изјавата за одржувањето на првата Меѓувладина конференција“, ЕУ го „поздравува договорот за протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија формирана според членот 12 од договорот“ со Бугарија.

Ваквата содржина недвосмислено упатува дека усвојувањето на предлог заклучоците во Францускиот предлог е условено со претходно потпишување на билатералниот протокол, кој станува клучен за преговарачкиот процес. Овие документи, директно ја засегнуваат историјата која го дефинира идентитетот на македонскиот народ и посебноста на македонскиот јазик.

Еднострано деклариран македонски јазик – историски непостоечки за ЕУ
Во точка 3 од „Генералната позиција на ЕУ“, се наведува дека „ЕУ ќе ги земе предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик“.

Содржината на декларациите за македонскиот јазик не се наведува, ниту се соопштува, но според Португалскиот предлог (кој претседателот Пендаровски во контекст на Францускиот предлог веќе го оцени како прифатлив), тоа би изгледало вака: За Бугарија „’македонскиот јазик’ не постоел пред 1944 година и овој термин во било кои идни документи на ЕУ ќе биде сметан во согласност со Уставот на Македонија“, додека „Македонија“ ќе декларира „дека македонскиот јазик, како што се наведува во нејзиниот Устав, е официјален јазик на земјата и бил кодифициран во 1945 година”.

Независно од формулациите (кои за претседателот на државата се прифатливи во Португалскиот предлог), забележливо е дека во едностраните декларации во Францускиот предлог, на прво место е позиционирана Бугарија, а не Македонија. Кога некоја нација го декларира својот јазичен идентитет, нејзиниот став треба да биде прво нотиран, а не на другата нација која го оспорува. Тоа имплицира дека бугарската декларација за непостоењето на македонскиот јазик всушност ќе го рефлектира генералниот став на земјите членки на ЕУ.

Воедно, треба да се земе предвид дека во билатералниот протокол од втората меѓувладина конференција, македонската страна де-факто го признава дефинирањето на македонскиот јазик, „според Уставот на Република Македонија“.

Затоа уверувањата на државното раководство дека имаме „чист јазик“, не кореспондираат со реалноста, бидејќи во Францускиот предлог не постојат никакви гаранции за заштита на македонскиот јазик во текот на преговарачкиот процес.

Напротив, преку процесот на преговори за историските прашања (поставени како клучни за Бугарија и со Францускиот предлог како критериум за ЕУ), македонскиот јазик ќе ја изгуби историската посебност и ќе биде сведен на еднострано само-декларирање, согласно со уставот. Со промените на македонскиот Устав, поставен како услов за отпочнување преговори во Францускиот предлог (точка 4 од „предлог заклучоците“), „бугарскиот јазик“ како веќе признат во ЕУ ќе може да стане официјален и за Р. Македонија.

Историски делегитимираниот македонски јазик, сведен на еднострана декларација, ќе биде соодветно означен, кога ќе дојде на ред отворањето на кластерот во кој се регулираат институционалните прашања.

Оттаму, несреќната флоскула „чист македонски јазик“ форсирана од државното раководство и од владејачката политичка елита, во суштина значи дека јазикот ќе биде „исчистен“ од историската содржинска посебност и сведен на едноставна декларациска само-определба. Не постојат никакви гаранции дека македонскиот јазик ќе биде официјално признат на ниво на ЕУ, освен што неговата историска посебност ќе биде негирана.

Историското „прочистување“ ќе се одвива преку комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија (како и со Грција), чиишто резултати во согласност со билатералните протоколи, стануваат клучен критериум за мерење на прогресот во преговарачкиот процес.

Тоа подразбира дека Бугарија, како и Грција, ќе го условат преговарачкиот процес со нивното видување на имплементацијата на договорите, во што приоритетно прашање ќе има „прочистувањето“ на македонската историја во согласност со нивните национални наративи.

Прифаќањето на националните наративи на Бугарија и Грција ќе претставува клучен предуслов и главен критериум во преговарачката рамка, што ќе ги сведе македонскиот народ и македонскиот јазик на еднострана современа декларација, со одземена историска посебност.
Македонски народ со одземена историја
Точката 4 од „предлог заклучоците“, ги содржи едно од клучните барања на Бугарија, со што Бугарите стануваат „народ“ во Р. Македонија.

За разлика од првичниот Француски предлог, кадешто беше нотирано дека „Македонија“ ќе „посвети посебно внимание на заштитата и недискриминацијата на граѓаните кои припаѓаат на малцинствата или заедниците (дел кој сега е поместен во Изјавата за меѓувладината конференција), во променетиот финален текст целосно се артикулираат барањата на Бугарија.

Во таа смисла, во текстот се додава дека „Советот ја поздравува намерата на Македонија како приоритетно прашање да ги иницира и постигне соодветните уставни промени, во смисла на вклучување во Уставот на граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од друг народ, како Бугарите“. Индикативно е што покрај Бугарите, македонскиот народ не е наведен, кој останува негиран.

Тоа во суштина значи дека државното раководство веќе се согласило на промена на Уставот и тоа преку воведувањето на Бугарите како „народ“, а не како малцинство или заедница. Државното раководство не ја соопштува формулацијата на уставните промени, но истата, имајќи ги предвид изјавите на бугарското раководство, ќе значи прифаќање дека бугарскиот народ бил „државотворен“.

Отсуството на реципроцитетно барање од страна на Р. Македонија за признавање на малцинските права на Македонците кои живеат во Бугарија, де-факто значи признание дека македонски народ историски не постоел. На тој начин, државното раководство ќе признае дека македонскиот народ нема свое малцинство во соседните земји, што само по себе ќе ги потврди тезите на Бугарија (како и на Грција), дека македонскиот народ и македонската нација биле вештачки конструкт на Титова Југославија.

Македонскиот народ ќе остане без своја автентична историја, која ќе биде коригирана со прифаќање на историските „вистини“ на соседите, кои стануваат европски, што ќе го направи непостоечки, исто како и јазикот.

Македонскиот народ ќе се сведе на еднострано деклариран народ, вештачки врамен во границите на „Македонија“ – современ политички продукт на „Македонија“.

Тоа може да и овозможи на Бугарија да побара уставните промени да бидат придружени со бришење на деловите кои за неа претставуваат „говор на омраза“ (т. 4 и т. 34 од „Општиот став на ЕУ“). Во таа смисла, Софија ќе може да го услови процесот на уставните промени со ревизијата на историскиот карактер на АСНОМ и на антифашистичката борба.

Со други зборови, Бугарија ќе може да го услови бришењето или модификацијата на АСНОМ, бидејќи таму Бугарите се претставени како фашистички окупатори, што за неа е навредливо и не кореспондира со историската „вистина“ за „државотворноста“ на „бугарскиот народ“.

Во таа смисла, сосема сигурно ќе биде побарано бришење на Прогласот oд Првото заседание на АСНОМ, бидејќи не само што во овој документ му се обзнануваат одлуките на македонскиот народ како државотворен и конститутивен, туку истиот го содржи и терминот „бугарски фашиски војски“.

Францускиот предлог ќе и овозможи на Бугарија да ја услови историската ревизија на АСНОМ при промената на Уставот и воведувањето на државотворноста на „бугарскиот народ“. Со тоа ќе се заокружи целосното бришење на АСНОМ, иницирано со Преспанскиот договор, со кој веќе се отстранети од Уставот, Манифестот и одлуките на АСНОМ!

Кон ваквиот заклучок водат и досегашните заложби на македонското државно раководство за отстранување на бугарскиот предзнак пред „фашистички“ и пред „окупатори“ на натписите и спомениците во Р. Македонија, како непосредни историски сведоштва. Воедно, ко-претседателот на македонскиот дел од комисијата за историски и образовни прашања, неодамна jавно го негираше фашистичкиот карактер на бугарската држава во времето на Втората Светска Војна, отворено залагајќи се ваквото историско редефинирање да биде рефлектирано и во македонските учебници низ процесот на комисиското договарање.

Р. Македонија ќе биде единствената држава, во која државното раководство го поима Уставот не како вечен стратешки документ со кој се заштитува нацијата, туку како средство за задоволување на националните интереси на соседите. Со тоа владејачката елита дозволува други нации да го проблематизираат македонскиот идентитет, а со своите барања издигнати на ниво на ЕУ, да ја делегитимираат историска посебност и постоењето на македонскиот народ и нација.

Македонски народ и нација без свое културно-историско наследство

Согласно очекувањата на Бугарија, македонскиот народ историски ќе биде делегитимиран, исто како и јазикот, бидејќи Францускиот предлог, преку поставувањето на билатералните протоколи како критериум за преговорите, ги внесува билатералните историски прашања во преговарачкиот процес на ниво на ЕУ. Работата на комисијата за историски и образовни прашања на тој начин станува дел од преговарачкиот процес и клучен критерум за ЕУ интеграциите (точка 5 од „Преговарачката рамка“).

Иако владејачката елита не ги обелоденува билатералните протоколи, истите веќе се објавени во јавноста од бугарските медиуми. Врз основа на нивната содржина, во текот на натамошното историско „прочистување“ во рамките на комисијата, бугарскиот народ ќе стане носител на културно-историските традиции во Р. Македонија од средновековието до денес, како државотворен народ, а во согласност со променетиот Устав.

„Заедничката историја“ согласно со Договорот со Бугарија ќе добие само едно значење – „вистинска“ историја на „бугарскиот народ“, која ги обединувала и обединува двете држави.

Сето тоа, согласно билатералните протоколи, ќе треба соодветно да се одбележи на сите натписи, споменици, музеи, државни институции, јавниот простор, наставните програми, учебниците, кои ќе станат „бугарски“. На тој начин ќе се маркира „бугарската“ сопственост на културно-историското наследство од средновековието до денес.

Со билатералниот протокол со Бугарија, преку комисиските договарања (вклучително и со Грција) ќе се исклучи било каква идентитетска врска на Словените со термините Македонија и Македонци (со исклучиво историско значење на хеленско наследство), кои врамени во политичкиот концепт на „заедничка историја“ со Бугарија ќе добијат „бугарски“ предзнак.

Македонските Словени ќе станат етнички Бугари уште од 7 век, а придавката македонски во историска смисла ќе се претвори во исклучива регионална ознака, без етничка содржина. Од тоа ќе произлезе дека постоеле и постојат само „македонски Бугари“, кои живееле и живеат во „Македонија“.

Оттаму, историјата на Македонија, на македонските преродбеници, револуционерите, интелектуалците, ВМРО, Илинденското востание, ќе добие „бугарска“ етничка ознака, прогласени како дел од „заедничката“ историја на „бугарскиот“ народ.
Со тоа ќе се раскине врската помеѓу националниот наратив и македонскиот народ.
Тоа ќе се одвива преку историската контекстуализација во рамките на веќе „реформираниот“ образовен систем и преку ревидираните програми и учебници, усогласени со комисиските договорени интерпретации, што се издигнува во клучен индикатор за преговорачкиот процес на ниво на ЕУ.

Во адаптираните хибридни учебници, учениците ќе учат дека во Македонија биле населени „Бугарски Словени“ уште од 7 век, кои говореле на „старобугарски“ јазик. Од тоа тие ќе извлекуваат заклучок дека светите Кирил и Методиј ја креирале азбуката за потребите на Бугарите врз основа на „старобугарскиот“ јазик.

Ќе се изучува дека Светите Климент и Наум Охридски делувале меѓу сонародниците Бугари, пришто средновековната држава Бугарија одиграла клучна улога во зачувувањето на Кирилометодиевските традиции и на „старобугарскиот“ јазик.

Ќе се редефинира и историскиот контекст поврзан со богомилите, за да се претстави дека нивното учење и движење во суштина не било автономно македонско и дека не било насочено против бугарската власт.

Самуиловата држава ќе биде претставена како „Бугарско Царство“, со оглед дека комисијата веќе го определила тоа со првиот протокол. Тоа ќе значи дека Самуил не формирал независна држава и црква, туку ги продолжил „бугарските“ царски и црковни традиции, иако несомнено Бугарија како држава и црква била ликвидирана од Византија во 971 година.
Аналогно, Охридската Архиепископија, ќе стане дел од „заедничката историја“ и интерпретирана како продолжение на Бугарската Патријаршија.

Исто како и востанијата на Петар Делјан, Георги Војтех, кои ќе бидат интерпретирани како политичка мобилизација на Бугарите за обнова на Самуиловото Бугарско Царство, или на Кралот Марко, кој како дел од „заедничката историја“, ќе биде доведен во „бугарски“ историски контекст.
И така преку Гоце Делчев, Илинденското востание … сѐ до 1944 година, а преку ревидираниот историски АСНОМ до денес.
Во учебниците ќе се имплантира националниот наратив на „бугарскиот“ државотворен народ, со што ќе се гради свест за припадноста на еден ист народ, поделен поради историските контексти во различни држави.

Заклучок

Со оглед дека со Преспанскиот договор повеќе не постои „македонска нација“, бидејќи придавката „македонски“ е забранета како именска и идентитетска ознака за државата и нацијата, останува преку Францускиот предлог чијшто интегрален дел е билатералниот протокол со Бугарија, македонскиот народ и македонскиот јазик да се сведат на еднострано декларирање, што ќе значи само-прифаќање на сопственото историско непостоење пред 1944 година.

Тоа ќе значи признание дека постоењето на македонскиот народ и македонската нација е засновано на вештачки конструкт и декрет на Тито, со што дотогашните Бугари, биле насилно идеолошки конвертирани во непостоечки етнички Македонци.

Македонскиот народ и македонски јазик ќе ја изгубат историската посебност. Историската генеза на јазикот и на народот, еднострано декларирани како „македонски“ ќе станат „бугарски“, бидејќи така ќе декларира Бугарија како земја членка (користејќи ги механизмите на ЕУ и билатералните протоколи). Во историска смисла, преку бугарската историска „вистина“ на ниво на ЕУ, македонскиот народ и јазик ќе станат „бугарски“.

Врз основа на едностраното декларирање во Францускиот предлог, македонскиот нема да може да стане официјален јазик на ниво на ЕУ, бидејќи со комисиските ревизии, јазикот ќе остане без историското постоење пред 1944 година, со што ќе стане вештачки конвертиран „бугарски“ јазичен дијалект.

Затоа, бугарскиот јазик, говорен од „бугарскиот народ“ како државотворен во „ Македонија“, ќе може да остане единствениот историски легитимиран постоечки јазик и оттаму официјален на ниво на ЕУ.

Истото се однесува и на културно-историско наследство на Р. Македонија кое од средновековието до денес ќе стане сопственост на Бугарија, што ќе биде соодветно етикетирано и маркирано на севкупниот јавен простор, споменици, институции, учебници, медиуми. Исто како што историските имиња Македонија и Македонци, според Преспанскиот договор се веќе прогласени за хеленско културно-историско наследство и маркирани како сопственост на Грција.

Кога граѓаните и туристите ќе ги посетуваат културно-историските споменици во Р. Македонија, ќе можат да прочитаат на натписите, во туристичките водичи, медиумите, дека истите се дел од хеленското или бугарското културно-историското наследство, односно сопственост на Грција или на Бугарија.

Во спротивно Р. Македонија ќе биде обвинета за кражба на историјата.
Македонскиот народ ќе остане без своја историја, традиции и наследство, туѓ на своето и на себеси, историски непостоечки, исто како и македонската нација!
Придавката „македонски“ ќе ја изгуби историската содржина, станувајќи „бугарска“ или „грчка“ во зависно од историската контекстуализација на комисиските договарања.

Македонскиот народ и нација ќе се сведат на унилатерална декларација и современ политички продукт на Договорите со Бугарија и Грција, прифаќајќи ја националната историја од соседите како своја „вистинска“, стекнувајќи се со тоа со „правилен“ идентитет за ЕУ.

Учениците во учебниците ќе ја изучуваат „прочистената“ историја, „осознавајќи“ дека нивните татковци, мајки, дедовци, баби … не биле Македонци, туку всушност биле „Бугари“ и говореле „бугарски јазик“, само што биле идеолошки заблудени од комунистичката пропаганда и не биле свесни за тоа, што нивните потомци сега можат да го согледаат.

Новите генерации „граѓани на Македонија“, преку учебниците ќе градат свест за национална припадност, но не на македонската, која нема да постои, исто како и македонскиот народ и јазик, кои историски делегитимирани ќе се сведат на современ продукт на договорите со соседите.
Со тоа ќе биде ставен крај на македонското прашање како проблем за ЕУ – бидејќи Македонците ќе ги нема повеќе.

Затоа големо НЕ за Францускиот предлог!
Во контекст на ваквите современи негации во 21 век, треба сите да ја препрочитаме интимната порака на Коста Рацин кој од пред повеќе од 80 години предупредил дека во напорите за извојување на слобода и државност, современиот македонски народен писател „мора да ја издржи комбинираната навала од противникот, што си го присвојува правото на историска тапија врз срцето и свеста на народот“.

За Коста, народната книжевност претставува значајна културна појава и културна придобивка, бидејќи е пишувана на јазик на кој тој народ најинтимно си мисли, најдлабоко ги чувствува и изразува своите вековни патила и најблагородните човечки стремежи. Затоа книжевноста која е тесно поврзана со народниот живот и е инспирирана од народните потреби, претставува „верен и жив одраз“ на свеста на народот. Таа е плодоносна кога го олицетворува вековниот народен идеал, а станува наполно залудна кога ја „губи врската со народот“.

Затоа, според Рацин, „врз самопожртвуваните одделни луѓе паѓа голема историска чест, но и голема општествена одговорност, да го извршат чесно својот позив. Тие мораат безобѕирно да ги надвијат сите лични и други тешкотии, сите искушенија и сите лични кризи, за да го заслужат достојно вистинското име — народен писател на овој храбар и напатен народ“.

Јас би додал, дека секој чесен македонски граѓанин, независно од припадноста и професијата, мора да го крене гласот против Францускиот предлог, за напатениот македонски народ да не остане без историската тапија врз срцето и свеста, без запис за себе, со туѓ спомен на друг!
Треба сите Мисирковски да се преиспитаме каде одиме и што правиме, бидејќи како што тој самиот велел пред повеќе од стотина години, во прашање е „вековното културно издигнување и националното самозачувување на Македонците“.

Вековно културно-историско наследство, кое сега со леснотија се раздава и отстапува во име на безидентитеската и неизвесната иднина во ЕУ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.