Премиерот и лидер на владејачката СДСМ, Димитар Ковачевски, вели дека при неговата последна посета на Струмица не се сретнал со неговиот претходник, Зоран Заев, бидејќи агендата била набиена и немало простор за нивна средба бидејќи уште вечерта тој требало да биде во Скопје за да оствари средба со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен. Но, додава Ковачевски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, и покрај тоа што немало средба, односите помеѓу сите поранешни претседатели и носители на функции во СДСМ се коректни и секој може да го каже својот политички став.
Прашан за тоа дали до него стигнале информации дека Заев му е лут зашто бил споменат во американската црна листа (во образложението за црногорскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ-Дака) и дека тој го посочил Ковачевски како можна причина за тоа, премиерот и лидер на СДСМ вели дека за такво нешто не чул, но и дека тој никако не може да знае кој ќе биде наведен во тие листи.
Прво, Зоран Заев не е на црната листа на САД. Тоа тие го прават согласно свои закони и процедури и ниту еден носител на функција во Владата, вклучително и јас, ниту е информиран за постапката, ниту е информиран за лицата, ниту пак е информиран за тајмингот, туку единствено информациите може да ги добиеме од соопштенијата на Стејт департментот и за тоа најдобро ќе ви одговори претставник на американската амбасада – вели Ковачевски.
Кога станува збор за црната листа на САД, неодамна на неа се најде и поранешниот вицепремиер во една од владите на СДСМ, Кочо Анѓушев. На новинарско прашање – како тој го коментира тоа што Анѓушев е на оваа листа, Ковачевски вели дека тоа се сериозни обвинувања и дека тоа е порака и до нашите институции да си ја работат својата работа и да спроведуваат владеење на право.
Мора да посочам уште еднаш дека ние мора да бидеме свесни дека САД, врз основа на информации што тие ги имаат, врз основа на постапки што нивните институции ги спроведуваат, а може да замислите за сериозноста и обемот на информации со кои може да располага едно Министерство за финансии на САД, ги носат своите одлуки. Од друга страна, и нашите институции треба да си ја работат својата работа и во рамки на своите надлежности и законски можности и капацитети, да спроведуваат владеење на право во државата. Затоа сметам дека тоа се две поделени, но да кажеме активности насочени кон иста цел, бидејќи САД се наш стратешки партнер – кажа Ковачевски.
Премиерот вели дека Владата започнала низа активности за менување на законодавството за лицата кои се на американската црна листа да немаат можност да се занимаваат со јавна функција во земјава, по примерот на веќе постоечки закон кој оневозможува лица кои се на црната листа на Обединетите нации и на Европската Унија да извршуваат јавна функција. Дополнително, формирана е работна група која би требало да ги направат промените во законската регулатива со што ќе се адресира учеството на лицата кои се санкционирани согласно правилата на Европската Унија, Обединетите нации и Соединетите Американски Држави.
Работната група ја предводи вицепремиерката за политики за добро владеење, а во неа учествуваат министрите од економските ресори, потоа институциите кои се во надлежност на Министерство за финансии и безбедносни служби како советодавни, вклучувајќи министерства кои се вклучени во критична инфраструктура во државата – Одбрана и Внатрешни работи кои ќе треба да направат промена на законската регулатива во државата со цел да биде адресирано учеството на физички и правни лица кои се санкционирани согласно правилата на ЕУ, ООН и САД во правниот промет во нашата земја – рече Ковачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.