Наставниците излегоа на протест, маршот почна во 12 часот од Жена парк, а заврши пред министерството за образование и наука.

Протестот го организираше независниот Синдикат на образование и наука, а главните барања на синдикалците се однесуваат против спојувањето на наставните предмети и „да“ за почитувањето на колективните договори.

Незадоволни од најавите за спојување на повеќе наставни предмети што може да предизвика губење на работни места како и поради ниските плати во образованието, просветни работници утре ќе го искажат револтот преку протест. Точно напладне ќе тргнат од Жена парк и ќе се движат до зградата на ресорното министерство. На овој начин како што велат од Независниот синдикат за образование и наука ќе го кренат гласот бидејќи сметаат дека им се нарушени работничките права, а достоинството и интегритетот погазени.

– Незадоволни сме од најавите за спојување на повеќе наставни предмети (Географија, Историја, Хемија, Физика, Биологија, Граѓанско образование, Етика, Информатика, Техничко образование). Ваква појава може да предизвика губење на дел од работните места, а истовремено го погазува професионалниот интегритет на работниците, изјави Томислав Гиевски, претседател на НСОН.

Од Независниот синдикат потенцираат дека утрешниот протест е само предупредување и ќе најавуваат порадикални чекори, бидејќи во моментот најниската плата во образованието е 12.000 денари.

– Сведоци сме дека минималната плата во државата изнесува 20.175 денари (НЕТО). Министерството за образование и наука нема слух ниту волја да ги почитува законите, а паралелно на сето тоа, сведоци сме како јавните функционери ЕКСПРЕСНО ја спроведоа одлуката на уставниот суд и добија покачување за 78%. За јавните функционери законот е закон и тој мора да се почитува, а за просветните работници не важат истите правила, вели Гиевски.

Од министерството за образование и наука пак тврдат дека го практикуваат социјалниот дијалог, изминатите години платите на наставниците во основно и средно биле зголемени за значителен процент и во целост ги почитувале и исполнувале одредбите од колективните договори.

За интегрирањето на предмети, од МОН велат дека станува збор за новата Концепција во образованието усвоена во 2021 година која треба да даде позитивен ефект и не предвидува укинување на содржини, а ниту еден наставник нема да остане без часови и  без работа.

– Бројот на часови е идентичен како и порано, а она што го воведуваме со новите програми е новиот пристап, базиран на искуствено учење, на поврзување на она што се учи со реалноста, на учење преку експерименти, развивање на критичко мислење. Како поддршка на наставниците и на учениците од следната учебна година во реализацијата на програмите се и новите кабинети по природни науки, опремени од страна на МОН со поддршка на Светска Банка, велат од образование.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.