Младите се нашата иднина. Тие се нашата надеж и нашата сила. Вложуваме во нивното образование и во нивниот развој за да ги подготвиме за предизвиците на иднината. Младите се тие што ќе ја водат државата напред, а ние сме тука да ги поддржиме на секој чекор од нивниот пат. Им порачувам на младите: не плашете се од предизвиците, бидејќи вие сте тие што ќе ја градите иднината на нашата земја. И вие сте тие кои мора да го негувате, браните и да се борите за единството, се обрати претседателот на Владата на Република Македонија до младите кои во голем број ја следат свеченоста на Гумење по повод одбележувањето 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република.

Македонија е заеднички дом на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите други. Заедно се боревме во Илинден и заедно ќе ја изградиме новата и силна Македонија. Нашата сила е во нашата различност и нашето единство. Само заедно можеме да изградиме општество во кое секој ќе се чувствува рамноправен и ценет. Илинден е нашиот заеднички светилник во темнината. Илинден е нашата заедничка инспирација и нашиот најголем потсетник дека секоја генерација има своја борба. Како што нашите предци се бореа за слобода и правда, така и ние денес заедно се бориме за нашите идеали. Ова е нашата заклетва дека никогаш нема да се откажеме, дека секогаш ќе се бориме за нашата татковина, за нашите деца и за нашата иднина. Без разлика на различностите, сите ние сме дел од една поголема цел – Македонија! Ова е повик за солидарност за да изградиме посилна држава на еднакви граѓани! Во оваа смисла, од тука, на славниот Мечкин Камен повикувам на единство и со нашите политички противници. Да ја имаме пред нас големата слика на развиена и европска држава. Држава која е обединета независно од нашите политички разлики. Да зборуваме во еден глас! Да се бориме заедно и да освојуваме големи врвови и да победуваме заедно! Само со заеднички сили и заеднички цели можеме да ја изградиме држава од нашите соништа. Борбата трае е повеќе од слоган. Со оваа порака ние го славиме Илинден и се потсетуваме на нашата одговорност да ја продолжиме борбата за подобра и поправедна држава. Борбата трае и ние сме тука да ја продолжиме. Нека секој збор, секоја акција и секој сон за подобра иднина бидат нашата борба. Нека нашата борба трае, како што траеше и во времето на нашите предци. Како што рекол Винстон Черчил: „Крајот на една ера значи почеток на нова. Најдоброто нешто што можеме да го направиме е да ја прифатиме промената со надеж и да се стремиме кон подобра иднина.“, заврши Мицкоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.