Правото на штрајк и правото на образование се две уставно загарантирани права, но во ситуација при судир на овие две права, според сите меѓународни документи и според Конвенцијата за правата на детето, предност се дава на правата на децата, што значи дека воспитно – образовниот процес не треба да трпи последици. Ова го изјави Народниот правобранител Насер Зибери, одговарајќи на новинарско прашање по однос на мислење за штрајкот на СОНК по денешниот заеднички настан со Министерството за образование и наука посветен на инклузијата на образовниот систем.

Народниот правобранител вели треба да се внимава на дигнитетот на наставниците и на сите вработени во образование, што подразбира и подобрување на нивната материјално финансиска состојба и затоа, како што рече упатил апел до Владата да продолжат преговорите со синдикатот и што поскоро да се најде решение за да нема последици по воспитно – образовниот процес. Информираше дека до институцијата не се доставени претставки за попречување на правото на штрајк, туку само за попречување на правото на образование.

Министерот за образование Јетон Шаќири рече дека МОН и Владата се подготвени во секој момент да ги продолжат преговорите со СОНК и да се најде излез од ситуацијата која не оди во прилог на учениците.

Се обидовме и пред неколку дена понудивме зголемување на платите на наставниците за 10% или во износ од 2500 денари, но за жал, советот на СОНК одлучи тој предлог да не го прифати, затоа што, како што соопштија, 90% од нивното членство преку „Вибер“ комуникација потврдило дека не го прифаќа ова најголемо покачување на платите во образованието во последните неколку години, кое Владата го понуди иако се наоѓаме во услови на голема економска и здравствена криза.

Шаќири реагираше дека одредени членови на СОНК шират дезинформации во јавноста со кои го поткопуваат процесот на преговарање и упати апел ваквите постапки да престанат за да се изнајде решение час поскоро.

Не сакам да имаме различни информации со СОНК, со наставниците и со јавноста. Прочитав вест дека претставник на синдикатот од струшко дебарскиот регион вели дека не е вистина дека Владата понудила 10% зголемување на платите, а всушност на состанокот бевме присутни премиер и четворица владини министри заедно со 20тина членови на советот на СОНК. Така што, што со ширење невистини не се дава придонес кон изнаоѓање решение, рече Шаќири.

Министерот рече дека оваа Влада ветува и исполнува. Потсети дека во 2018, 2019 и 2020 имало покачување на платите во износ над 21%, како и дека со новиот Закон за минимална плата кој предвидува 6 месеци усогласување, ќе има ново зголемување за оние кои земаат плата под новиот договорен износ.

Апелираше до СОНК и членовите да се вратат на настава, бидејќи овој тип на штрајк, без организирање на настава не беше најавен и тоа создаде револт кај најголем дел од семејствата на учениците.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.