Третина од граѓаните планираат да се иселат од државата, покажува последната анкета која за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според неа, 30% од анкетираните размислуваат или некогаш размислувале да си заминат од Македонија. 64,8% изјавиле дека не размислуваат за иселување. Загрижува податокот што кај младите до 30, па и кај оние граѓани до 40 годишна возраст, процентот на оние кои размислуваат за иселување се ближи до 50%.
Анкетата на ИПИС покажува дека 45,3% од младите до 29 годишна возраст размислуваат за иселување. Кај возрасната група од 30 до 39 години, 44,3% размислуваат или некогаш размислувале да си заминат од Македонија. Како расте возраста на анкетираните граѓани овој процент се намалува. 33,2% од граѓаните меѓу 40 и 50 години размислуваат за иселување. Интересно е што 28,1% од оние кои се меѓу 50 и 59 години планираат да си заминат од Македонија. Кај граѓаните над 60 години интересот за иселување очекувано паѓа на 9,8%.
Близу две третини од граѓаните имаат некој близок кој веќе се преселил во странство.
Според анкетата, 60% од анкетираните изјавиле дека имаат некој близок кој веќе се преселил во странство, додека 37,8% рекле дека немаат. Најголем дел оние кои што имаат блиски кои се иселиле во странство живеат во севроисточниот регион.
Таму 80% од анкетираните имаат некој близок кој се преселил од Македонија. На југоистокот 71,2% имаат блиски иселени во странство. Најмал процент на луѓе кои рекле дека имаат блиски кои се иселиле од Македонија живеат во Скопје.
Повеќе од половината од граѓаните сепак сметаат дека немаат шанси да си заминат од Македонија. 54,5% од граѓаните на скалата од 1 до 5 веројатноста да се иселат од Македонија ја оцениле со единица. Само 10,2% се убедени дека има многу големи шанси во следните 5 години да се исeлат од државата. Очекувано, најголем дел од овие граѓани кои се убедени дека за 5 години ќе си заминат од Македонија се млади до 30 години. Дури 21,4% од нив се убедени дека за 5 години ќе си заминат од Македонија.
Над половина од граѓаните велат дека пред 5 години живееле подобро од денеска. Анкетата покажува дека ваков став делат точно 52,6% од анкетираните. 33,7% не чувствуваат промена додека само 6,6% велат дека денеска живеат подобро отколку пред 5 години.
По региони, во Пелагонија дури 66,2% од анкетираните рекле дека пред 5 години имале подобар живот. Најмал е процентот на граѓани кои подобро живееле пред 5 години во југоистокот.
Во споредба со анкетата која за Детектор, ИПИС ја спроведе во 2019 година, бројките многу се разликуваат. Пред 4 години 33,5% од граѓаните изјавиле дека живееле подобро пред 5 години што е значително помалку од денешните 52,6%. Бројот на граѓани кои во 2019 изјавиле дека во моментот живеат подобро од она што го живееле пред 5 години бил 23,7% од анкетираните што е речи си 4 пати помалку од денешните 6,6%.
Истражувањето на јавното мислење за потребите на емисијата Детектор го направи Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) на репрезентативен примерок од 1.119 испитаници преку телефонска анкета реализирана во периодот од 23 до 26 декември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.