Кризниот штаб на Општина Тетово го одржа третиот состанок со цел да се донесат заклучоци и решенија за справување со последиците по поплавите и пожарот во градот.

Градоначалникот Биљал Касами информираше дека има над 130 пријавени случаи на штети направени и од пожарот и од поплавите.

Од тие 97 се поплавени куќи и подруми, а другите се оштетени јавна инфраструктура, институции и земјоделски парцели. Бидејќи немаме одговор дали ќе има владина комисија за штети, немаме таква информација, не чекаме од Владата и од понеделник ќе излезат на терен општинска комисија и ќе имаме информации колку се штетите – изјави Касами.

Исто така општината ќе почне со интензивна дезинфекција и чистење на укиците.

 Што се однесува на чистење и дезинфекција, информираме дека во рамки на Општина со свои капацитети е направено тоа.Чекавме но немаме одговор од Владата во кој дел тие ќе се вклучат. ЈКП и пожарната поинтензивно ќе го продолжат тој процес на чистење и дезинфекција. Ќе се справи Општина Тетово со сите последици од поплавите – информира Касами.

Тој изјави дека по наредба на јавен обвинител е направен увид на местото од пожарот и се чека информација за причини за опожарување на фабриката.

Фабриката е под надзор, материјалите не можат да се тргнат од таму се додека не се дознаат причините за пожарот. Владата е навремено информирана но нема одговор во кој дел Владата ќе излезе во пресрет. Ние очекуваме дека ќе помогне, и со заеднички сили да се справиме со ситуацијата – изјави Касами.

На состанокот ТППЕ Тетово известиле дека состојбата е стабилна, но во интервенцијата на пожарот претрпеле сериозна материјална штета, а голем дел од вработените се соочиле со здравствени проблеми.

Од Центарот за јавно здравје Тетово, најавија детални анализи на крвта на сите пожарникари за да се утврди нивната здравствена состојба. Од општинскиот инспекторат известија дека заедно со државниот инспекторат за животна средина излегле на терен и ги направиле потребните проверки поврзани со животната средина – велат од Кризниот штаб.

Од Секторот за комунални дејности известуваат дека поплавите предизвикале значителни проблеми во патната инфраструктура, но почнале интервенции за санирање на истите, како што се улица „146“ и патот од Шипковица до Бродец.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.