Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила директна продолжена дискриминација врз основа на пол извршена од Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за детски болести (ЈЗУ УК). Дискриминацијата се однесува на татко кој бил спречен да го придружува своето малолетно дете поради праксата на Клиниката дека придружувањето е дозволено само за мајката.
Имено, како што се наведува во соопштението од КСЗД, при хоспитализација на детето во ЈЗУ УК за детски болести Скопје, таткото е спречен во можноста да го придружува своето дете поради праксата на клиниката дека придружувањето на детето во текот на вечерта е дозволено само за мајката, а во случај на спреченост на мајката, истото е овозможено само за роднини на хоспитализираното дете од женски пол (баба, тетка, вујна, стрина, итн.)
КСЗД информира дека за оваа одлука е постапено по претставка поднесена од страна на Македонското здружение на млади правници поради сторување на директна продолжена дискриминација по основ на пол во областа на здравствената заштита.
Со дискриминација по основ на пол, освен таткото на малолетното дете, се соочуваат и други родители на малолетни деца кои имаат потреба од хоспитализација во ЈЗУ УК за детски болести Скопје, посочуваат оттаму.
Од КСЗД велат дека побарале изјаснување од страна на ЈЗУ УК за детски болести, по што од таму известиле дека како јавна здравствена установа располагаат со ограничен буџет, имаат ограничени ресурси и простории за работа, но постојано прават напори за да обезбедат колку што е можно подобри и посоодветни услови за заштита и грижа на здравјетo на децата.
Од страна на ЈЗУ УК за детски болести исто така наведуваат дека и во ваква ситуација кога болничките соби се сместени повеќе лица во придружба со нивните мајки, за мајките би било несоодветно во истата соба да биде сместено и возрасно лице од машки пол имајќи предвид дека во истите простории придружниците поминуваат повеќе денови па истите користат тоалет, се пресоблекуваат итн. Единствена причина поради која евентуално би можело да се случи на родител-татко да не му биде дозволено да биде придружник на своето дете во нивната клиника е поради тоа што не е соодветно родители од различни полови заедно со своите деца да престојуваат во заеднички простории, соопштуваат од КСЗД.
Во својата одлука, КСЗД посочува дека според Законот за спречување и заштита од дискриминација се забранува секоја дискриминација врз која било дискриминаторска основа, вклучително и полот.
Законот за здравствено осигурување ја предвидува можноста детето да биде придружувано за време на долготрајна и краткотрајна болничка здравствена заштита. Имајќи ја предвид оваа одредба, законот не предвидува дека придружник може да биде само лице од женски пол, туку терминот придружник се однесува и на машки и на женски пол, се наведува во образложението за одлуката.
Од КСЗД порачуваат дека дискриминаторската практика треба да се отстрани во рок од 90 дена.
КСЗД препорачува на ЈЗУ УК за детски болести во рок од 90 дена да ја отстрани дискриминаторската практика и да пронајде начин да овозможи услови татковците да ги придружуват своите хоспитализирани деца под еднакви услови и да имаат ист третман како и мајките на хоспитализираните деца како и да се воздржи во иднина од преземање на дискриминаторски дејствија врз основа на пол или било која дискриминаторска основа согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација. Доколку лицето кон кое е упатена препораката не постапи по истата, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци, стои во одлуката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.