Игнорантниот однос на владата на Ковачевски кон својот народ се претвори и во отворена ароганција. Министерот Османи наместо да црта на табли, требаше да ја заврши својата работа и да упати остра нота за реториката на бугарските државници упатени на самиот ден Илинден, реагира ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот гест на шефот на дипломатијата.
Додека бугарскиот претседател и премиер ги омаловажуваа македонската историја и македонската борба за државност, Бујар Османи со потценување ги убедува граѓаните дека треба да се направат промени на македонскиот Устав под бугарски диктат.
Османи ако сака може и на ѕид да пишува, но не може да го промени фактот дека источниот сосед отворено најавува нови и нови условувања кои имаат за крајна цел однародување на Македонците. Од Софија пристигаат пораки за менување на учебници, историски наративи за ликови и настани од македонската историја, како услов за нашето пристапување кон Европската Унија“, се наведува во соопштението.
Османи наместо за пишување на табла, своето време требаше да го троши на барање институционални гаранции од ЕУ дека нашите евроинтеграции нема да се претворат во вечни преговори и подвижна цел или барем да ја прифати подадената рака на ВМРО-ДПМНЕ, велат од партијата.
Сега единствено што му преостанува на Османи е да си напише на табла ОСТАВКА, ама вистинска која ќе стапи на сила веднаш, заради катастрофалната дипломатија која ја води. Оваа влада и нејзиното барање за промена на устав под бугарски диктат се удри во ѕид и единствено решение за ќорсокакот се избори, додава ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.